ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Згаснаа сите надежи на МЗТ Скопје

Згаснаа сите надежи на МЗТ Скопје

сподели

Екипата на Приморска доби лиценца за настап во Првата лига на Словенија за сезоната 2020/21.

Кошаркарскиот сојуз на оваа земја ја прифати банкарската гаранција и му дозволи на шампионот од 2019 година да се натпреварува во елитната дивизија. Тоа значи дека Приморска може да игра и во АБА лигата, а не МЗТ Скопје кој очекуваше колапс на клубот од Копер и враќање во оваа конкуренција по пауза од две години.

Единствената шанса Приморска да биде исфрлена од АБА беше да не добие лиценца за настап во Првата лига на Словенија бидејќи во регионалното натпреварување можат да играат само екипи што играат во најсилните дивизии во своите земји. АБА нема механизам да ги исфрли своите екипи бидејќи лигата е приватна, а токму клубовите се нејзини акционери.

Сето ова значи дека првпат во историјата Македонија ќе има две екипи во АБА 2 и тоа не кои било, туку најтрофејните – МЗТ Скопје и Работнички. Освен во домашното првенство и Купот на Македонија, тие ќе почнат нова епизода во нивното ривалство и ќе се борат меѓу себе и во регионалното натпреварување. Конкуренцијата во АБА 2 сега е далеку послаба во однос на претходните две сезони, па се надеваме дека барем една од нив ќе го освои првото место и ќе обезбеди пласман во елитата.