ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ЗЕЌИРИ: Испуштивме голема шанса, но ќе се бориме до крај!

ЗЕЌИРИ: Испуштивме голема шанса, но ќе се бориме до крај!

сподели

Екипата на Пелистер имаше можност по речиси една деценија да го победи Работнички во првенствен натпревар, но потклекна по две продолженија.

Во последната од основните 40 минути водеше со три поени, но дозволи Николовски да постигне тројка и да се избори за дополнителни пет. Потоа драмата продолжи, за дури по 50 минути најтрофејниот македонски клуб да дојде до триумфот.

Присутна е тагата во редовите на битолскиот прволигаш, но во исто време кошаркарите на Пелистер сфатија дека можат и против најдобрите во елитната конкуренција.

„Навивачите и присутните беа сведоци на прекрасен натпревар, двете екипи дадоа максимум, кој и да победеше, ќе беше апсолутно заслужено. Сметам дека клучен беше почетокот на второто полувреме во кое ние влеговме со предност од 10 поени разлика, но брзо го испуштивме и му дозволивме на Работнички да се врати во игра.

Му честитам на ривалот за триумфот, ние пропуштивме голема шанса, но ништо не е загубено. Ќе се бориме до крај за место во Суперлигата“, изјави Јетмир Зеќири за basketball.mk.

До крајот на основниот дел од сезоната остануваат уште пет кола, Куманово има еден бод повеќе од Пелистер, а овие две екипи веќе два пати се сретнаа во досегашниот дел од првенството. Тоа значи дека битолчани сега зависат од другите екипи, кога станува збор за пласманот во Суперлигата.