МАКЕДОНИЈА

Вардар „не се задоволува“ со третата позиција

Фотографијата е сопственост и е објавена со дозвола на КК Вардар.

Од таборот на црвено-црните, иако изминатата ќе ја оценат како уште една успешна сезона во рамките на М-16 натпреварувањето, сепак велат дека има голем простор за напредок и многу поголем капацитет во нивната генерација.

„Покрај сите подеми и падови оваа година и дисфункционалност наметната од последиците од ковид пандемијата, нашите играчи се исправија над се и достојно ги бранеа боите на Вардар. Како третопласирани, но со шампионски капацитет, продолжуваме со уште понапорна работа во следниот период, со цел да го вратиме трофејот каде што припаѓа, во витрините на најголемиот производител на млади играчи – КК Вардар.

Посебно ме радува фактот дека доаѓа нова гарнитура на тренери со огромен потенцијал, кои треба да продолжиме во иста насока како и нашите ментори. Доказ за ова е последниот М-16 FINAL-4 турнир, каде бевме тројца млади тренери, но воедно ќе изразам и огромна почит до Проф. Горан Крстевски, тренер на МЗТ Скопје, кој долги години ни е пример како се работи на создавање на млади кошаркари во Македонија.“ – ни изјави Влатко Неделковски.

Фотографијата е сопственост и е објавена со дозвола на КК Вардар.

Како резултат на пандемијата, втора година по ред не младите кошаркари е беа во можност да ги одиграат сите планирани натпревари во младинските лиги. Сепак, се создадоа услови тие да ја почувствуваат натпреварувачката атмосфера и да се надигруваат на теренот.

„И оваа сезона, Вардар М-16 беше еден од главните кандидати за шампионската титула. Имавме амбиции и квалитет да го освоиме завршниот турнир, на кој што се пласиравме со убедливи победи и без пораз. Сепак, во полуфиналето подобар беше Работнички, кој веќе неколку години ни е главен ривал. Моравме да се задоволиме со третото место, откако во малото финале ја оправдавме улогата на фаворит и ги совладавме врсниците од МЗТ Скопје, кои во дуелот влегоа мотивирани и расположени за игра.

И покрај наметнатата општа состојба, оваа година кај мене и кај моите соиграчи воопшто не се намали желбата за тренинг, дури и без официјални натпревари. Во наредниот период планирам да продолжам редовно да тренирам, да работам на усовршување и да напредувам како кошаркар.“ – се зборовите на капитенот, Лука Стојановски.

  

Првиот македонски кошаркарски медиум ви ги пренесува последните новости и достигнувања од кошарката.

Авторски, преземено со дозвола, непристрасно, објективно, проверено и навремено - е нашето мото.

Секое и минимално копирање или преземање на наша содржина, подлежи на законските регулативи и прописи.

Copyright © 2021 basketball.mk - Ние постоиме за вас!

To Top