Освен во првата четвртина, кога ЦСКА го диктираше и тактички и резултатски натпреварот, во другите три периоди Барселона беше екипата што доминираше во целост.
Клучниот момент се случи во последните 4 минути од првото полувреме кога од +12 за ЦСКА, на одмор се отиде со +1 за Барселона.
Во тие 4 минути Калатес, Хигинс и Абринес одлично играа П-Н-Р против Џејмс, Шенгелија и Милутинов.
photo credit: M. Serbin, CSKA Moscow
Истовремено, ЦСКА во својот напад ги одигра своите најлоши 4 минути и постигна само 3 поени од слободни фрлања.
Тука пред се мислам на грешките и на избрзаните шутеви без позиција, од страна на Џејмс и Шенгелија.
Во второто полувреме Јасикевичиус продолжи со висок притисок на топката и на шутот од периметарот на ЦСКА.
Дека тоа му успеа на литванскиот стратег, кој како играч беше еден од оние што и ја донесоа првата европска круна на Барселона, доказ е слабиот тимски шут и процент за три поени на ЦСКА (4/21, 19%).
photo credit: M. Serbin, CSKA Moscow
Особено интересен е податокот за шутот на Мајк Џејмс (1/6 за 3 п.) и на Дарун Хилиард (0/6 за 3 п.).
Мечот се уште беше жив до 5 минути пред крајот, кога Калатес со две тројки по ред од +7 ја зголеми разликата на +13 поени.
Тренерската умешност на Јасикевичиус ја гледам во тоа што почувствува на Калатес (13 п., 7 ас.) да му даде голема слобода на теренот, а овој како продолжена рака на тренерот, одлично ги разигра Кори Хигинс (25 п.) и Алекс Абринес (19 п.).
