МАКЕДОНИЈА

ТРАЈЧЕВСКА: Убаво е да си дома, се чувствувам мотивирано!

foto: FIBA.BASKETBALL

Македонската репрезентативка се врати во клубот во кој ја создаде основата за успешен развој на интернационалната кариера.

Долги седум сезони го носеше дресот на Бадел, по што замина во странство, но повторно е во редовите на најтрофејната македонска екипа.

Нена Трајчевска зборуваше за basketball.mk, првиот кошаркарски медиум во Македонија.

„Се чуствувам одлично и мотивирано. Убаво е да си дома и со своите луѓе по неколку години надвор, особено во оваа ситуација со пандемијата. Целта за оваа сезона е јасна, шампионската титула и освојување на националниот Куп, доколку се одржи. Секако пред се, посакувам сите да сме во добро здравје, да работиме напорно, но и да уживаме заедно и на теренот како и надвор од него.

Улогата сега ми е многу поразлична од минатите години, кога настапував за Бадел. Во целиот овој процес сега, би сакала искуството кое го стекнав овие години, да го пренесам колку знам и умеам и да им помогнам на младите кошаркарки од овој клуб. Сакам да ги охрабрам и да им покажам дека без разлика од каде сме, тие можат да успеат и да постигнат нешто што до сега ниедна кошаркарка од нашата држава не успеала.

Една од работите која најмногу ме радува, е повторното играње заедно во ист тим со Александра Стојановска. Нашата поврзаност и разбирање се на посебно ниво, кога сме заедно на паркетот едноставно уживаме. Затоа и оваа година очекувам тешки, возбудливи натпревари во кои ќе има надигрување и надмудрување, на кои подобриот на паркетот ќе победува.

Верувам во сите мои колешки од тимот, знам дека нѝследи период во кој ќе мора максимално да се посветиме на тренинзите, за тоа подоцна да го пренеле и на натпреварите, за на крајот да ја оствариме целта.“

  

Првиот македонски кошаркарски медиум ви ги пренесува последните новости и достигнувања од кошарката.

Авторски, преземено со дозвола, непристрасно, објективно, проверено и навремено - е нашето мото.

Секое и минимално копирање или преземање на наша содржина, подлежи на законските регулативи и прописи.

Copyright © 2021 basketball.mk - Ние постоиме за вас!

To Top