ПОЧЕТНА СВЕТ Што научивме од „Последниот танц“?

Што научивме од „Последниот танц“?

сподели

Чикаго Булс ја освоија последната титула во 1998-та година. Тоа беше шеста во осум сезони, за претходно потпросечната франшиза, која доживеа историски препород под водство на најмаркантниот кошаркар на сите времиња.

Неколку аспекти кои излега на површина:

Династијата на Мајкл Џордан и тренерот Фил Џексон, е најдоминантната на сите времиња, во сите спортови, до ден денешен, а не се наѕира наследник ниту од далеку.

Како и секоја друга, така и оваа империја била осудена на пропаст од истите оние што ја изградиле – сопственикот мултимилијардер Џери Рајнсдорф и менаџерот Џери Краус. Сите обиди на крајот на сезоната 1997/98, да се скрпи нешто во обидот повторно да ги вратат истите фигури на таблата, се само очајнички неуспешни маркетиншки потези.

Charity stars

Да се каже најдобар е неправедно кон сите шампиони пред него и сите по него, затоа што едноставно споредбите се невозмони, но Мајкл Џордан сигурно е најдоминантниот спортист на сите времиња. Ниту еден друг лик го нема(л) влијанието што го имаше Џордан на теренот и вон теренот, кое се одразуваше на кошарката, спортот, општествениот живот, индустријата.

Доказ за ова се милијардите што ги „прави“ две децении подоцна, на славата што ја стекна тогаш како единствената спортска икона во историјата, што ја обожава секој човек на секое делче од оваа планета на која што живееме.

Соиграчите на Џордан станале подобри играчи и луѓе благодарение на неговите лидерски капацитети, но воедно тие се причината поради која тој можел да ги реализира сништата и идеите. Многумина од тие генерации на Булс, од тие шампионски денови, се уште се актуелни во светот на кошарката и бизнисот.

sports.yahoo.com

Фил Џексон е архитектот на најимпресивниот шампионски тим што до денес чекорел по спортските терени, со помош, се разбира, на сите околу него, како што е на пример Текс Винтер кој го донесе „триаголникот“ во Булс.

Моќта на Џексон да се справи со карактерите на сите играчи што ги имал во тимот, особено на Денис Родман, е реткост која ги краси само големите шампиони кои знаат дека психолигијата е еден од клучните фактори за успехот.

„Одбрана и скок, така се освојуваат титули.“ – им рече Џексон, пред да ги испрати војниците на паркетот, во последната заедничка битка.

Џери Краус е еден од најдобрите спортски менаџери во историјата на спортот, но неговото его во голема мера влијаело на распаѓањето на неповторливите Булс, исто како и егото на сопственикот Џери Рајнсдорф кој се исплашил од вредноста што играчите кои биле на истек на договорите ја добиле по таа фамозна 1998-ма година.

Подемот и падот на Чикаго Булс, е сценарио што потсеќа на Римската Империја, на Кралството на Александар и на сите други големи креации создадени и уништени од човекот и неговиот начин на фукнционирање.

Chicago Tribune

Начинот на кој Џордан и Булс доминираа во нивната ера, е нешто што дотогаш не е видено и што до денес не се случило. Замислете колкава ќе беше нивната популарност, да ја имаа денешната медиумска машинерија зад себе, особено социјалните платформи. Истото може да се каже и за играчите и генерациите пред Џордан, кои немаа ниту телевизори во боја, но никој претходно ги немал резултатите и наклонетоста на јавноста, како Ем-Џеј и компанија.

Тогаш, Џордан и Булс едноставно играа и едноставно беа сакани. Не беше Џордан единствениот добар играч во неговото време. Имаше силна конкуренција. Но, едноставно, на теренот со своите игри, стил и харизма, ги потчинуваше и понижуваше до тој степен, што денес никој ниту ги знае, ниту зборува, ниту пак сака да гледа некој друг играч или тим од тоа време.

Има да се зборува до бескрај, милијарда теми на темата Чикаго Булс, Мајкл Џордан, Скоти Пепен, Тони Кукоч, Денис Родман, Стив Кер, Фил Џексон и останатите. Се обидовме да ги апострофираме првите што ни паднаа на памет, по 10-те епизоди од култната спортска лектира, што мора да ја изгледа секој и да се заинтересира за интерпретација на нејзиното значење во најситните детали, ако сака да каже дека ја познава кошарката или го познава спортот.

Серијата „Последниот танц“ е содржина од небесата дадена, која не врати во времето, не потсети на романтичните денови и почетоците на модерната кошарка, со појавата на Неговото Височество. Во која форма и да беше спакувана, ќе ја проголтавме како локум. Пред фактите и Боговите молчат…