МАКЕДОНИЈА

СПОРТОТ И СТРАСТА: Мисија – колекција од 1.000 дресови!

Антонио Савевски е млад тренер од Охрид, кој си поставил уникатна и несекојдневна цел во животот. Додека ние сакаме Ферари или стан во Монако, тој сака колекција од 1.000 кошаркарски дресови. Значењето и вредноста, се неспоредливи!

Честа е наша, да ја претставиме идејата на Антонио, да му помогнеме со сите сили за промоција и да му посакаме што побрзо да го оствари зацртаното, за да може што подолго да ужива во скапоцените моменти со неговите „миленичиња“.

Зошто се реши да собираш дресови??

„Се започна случајно, кога преку близок другар го нарачав првиот кошаркарски дрес, од Кевин Гарнет од Минесота Тимбервулвс, кој воедно ми е и омилен играч и омилен (интернационален) дрес. После подолг период од година, две, нарачав уште два дреса, па така започна целата приказна. Почнав по 2, па по 5 и стигнав до бројка од 16 нарачани дресови наеднаш, кои всушност ги чекав најдолго од сите, поради новонастанатава (ковид) ситуација.“

Обично луѓето собираат фудбалски дресови, зошто ти собираш кошаркарски?

„Љубовта не се бира, таа едноставно те наоѓа. Пред се собирам кошаркарски, бидејќи од кога знам за мене, го гледам, играм и го следам секој можен натпревар. Без разлика дали е тоа НБА, македонска лига, Евролига.. Мислам дека не се бројат неспиените ноќи, во кои сум гледал НБА натпревари, години наназад. Не е исклучена можноста да почнам да собирам и фудбалски дресови, имам и за тоа размислувано, но засега останувам само на кошаркарски дресови, мојата прва љубов.“

Колку дресови имаш до сега и од кои екипи?

„Моментално имам 111 дресови, но многу брзо ќе стигнам до 150 – се уште некои ми пристигаат. Од НБА лигата, македонска лига, национални репрезентации и европски тимови. Најголем дел се од македонска лига мажи и жени, некои ми недостасуваат од женските тимови, но се надевам во скоро време ќе ги соберам и тие. Имам од сите тимови од НБА лигата, некои се од ретро играчи – Стив Неш, Пол Пирс, Џејсон Кид, Мајкл Џордан, Дирк Новицки, Шон Кемп…

Кој дрес ти е омилен?

„Имам повеќе омилени. Од НБА лигата, се разбира омилен дрес ми е од Кевин Гарнет, од времето кога играше во Минесота, пред да се пресели во редовите на Бостон Селтикс. Од другите дресови кои ги поседувам, омилен ми е 12-ката од нашиот најдобар играч, според мене и се надевам многумина ќе се сложат, моменталниот претседател на Кошаркарската федерација, Перо Антиќ, додека од македонската лига омилен дрес ми е, се разбира, од тимот каде моментално работам и го сакам најмногу, ГКК Охрид.“

Која е целта, колку имаш поставено како таргет да собереш?

„Првата цел ми е да соберам 1.000 дресови, но генерално, целта ми е – што повеќе. Немам одреден конечен број, но едно знам – сакам да сум прв во светов и се ќе направам да сум тоа. Бидејќи, како што знам да кажам, само првиот е прв, а сите други се втори. Јас сакам да сум малку поспецифичен од сите и да сум најдобар, посебно кога станува збор за кошарката. План ми е сега, за моменталната колекција да изработам еден документарец, видео од 15-20 минути во кое ќе ги презентирам сите дресови што ги поседувам моментално. Се надевам дека тоа видео ќе вроди со плод и ќе ми помогне за собирање на повеќе нови дресови.“

Што ќе направиш со нив, кога ќе собериш толку дресови колку што си замислил?

„Планирам на некоја одредена бројка, на пример 500 дресови, да направам отворена изложба, каде сите што сакаат ќе може да ги видат моите дресови од колекцијата. Се надевам дека до таа бројка ќе стигнам брзо. Моментално подготвувам соба специјално за нив, каде ќе имаат свое место во мојот дом. Тоа, по сите замисли и работи кои течат, би требало да е готово до крајот на годинава (2021). Очекувам, како што течат работите и како што гори желбата за собирање на дресовите, дека ќе ми треба и цел спрат, не само една соба. Планирам некои од нив да ги урамам во рамки, бидејќи имаат посебно значење за мене. Имам доста идеи и како се зголемува бројката, така растат и апетитите и се развиваат идеите.“

Знае ли некој за твојата идеја, за подвигот што сакаш да го направиш? Ти помага ли некој во намерата?

„Знаат многу луѓе, што ме познаваат, дека собирам и дека имам цел да сум најголем колекционер на кошаркарски дресови. Најмногу ми помагаат мајка ми и татко ми, иако најмалку веруваа дека ќе стигнам до оваа бројка. Познавајќи ме, скоро сите кошаркарски тренери низ Македонија сами се нудат и ми испраќаат дресови од нивните тимови и тимови кои ги познаваат, каде имаат пријатели, во други држави и клубови. Ми помагаат колегите тренери, а воедно голем поздрав до Тони Стојаноски и Дејан Милошоски и големо фала што ме трпат кога станува збор за колекцијава и кој следен дрес да го нарачам и одберам. Ми помагаат и играчите кои моментално играат во нашите лиги и надвор од нашата земја. Поголем дел од моменталната кошаркарска репрезентација веќе исконтактира со мене да ми испрати дрес од тимовите каде што моментално настапуваат тие наши играчи. Мислам дека за скоро време ќе стигнам до бројка од 500 дресови, со која мислам дека можам да се наречам прв колекционер на кошаркарски дресови во Европа, па и пошироко.“

Каде ги чуваш дресовите и колку простор е потребно?

„Дресовите ги чувам во посебен плакар за нив, кој во моментов е полн до последното место. Еден или два дреса може да ги здиплиме и да зафаќаат 15 сантиметри простор, но, кога станува за поголема бројка на дресови, верувајте треба за секој посебна закачалка, треба посебен голем простор. Поголем дел од дресовите се со големина од ХХЛ, која мене нормално ми одговара и тие се доста долги и големи.“

Кој се грижи за хигиената на дресовите,од време на време треба ли да се перат?

„Најчесто ги перам после носење, бидејќи знам да облечам некој кој би ми одговарал моментално, кога одам на кошарка или кога излегувам низ град. За хигиената се грижиме заедно со мајка ми, околу уредување, перење и се што е потребно за нив. После снимањето на документарецот, сакам да ги ставам во посебни вакуум кеси, со цел да бидат заштитени, да не бидат оштетени, без разлика кој е стар или нов, сакам превентивно да ги заштитам. Кога ги имав околу 50-тина, беа закачени на ѕид и тука беа на прв удар од прашина, оштетување, односно најдолниот дрес од гребење од ѕидот и оштетување на натписот или на името од играчот. Не е лесно одржувањето, кое искрено одзема доста време.“

Каков дрес ти е подраг, оној искинатиот и извалканиот од натпревар, што го носел на пример некој твој омилен играч, или дрес од рафтот во продавница?

„Најдраги ми се оние дресови кои ги имам добиено од играчи, мои другари кои ги носеле. Имам дресови од неколку играчи кои ги имам и тренирано како младинци, како Ангел Лазаревски, Никола Атанасовски, како и од другари како близнаците Роберт и Ренато Димитриевски, Даниел Нацевски, Александар Јованоски, Љубомир Младеновски, Игор Ивановиќ, Бобан Стајиќ, Иван Волкан, Валентино Каранфилоски, Марко Миловановиќ, кои моментално играат во Првата македонска кошаркарска лига, а и надвор од Македонија. Сепак, лично од играч кога ќе го добијам дресот ми е најдраг, без разлика од каде и каков е дресот. Битно е од кого е, според мене.“

Антонио Савевски, честитки за идејата и огромна благодарност што ја сподели оваа приказна со нашата публика, преку нашиот портал.

Basketball.mk е прв кошаркарски медиум во Македонија и има слична цел како твојата – да биде најдобар. По нешто сме слични, веруваме дека ќе си помагаме.

Секоја чест и продолжи така, не го напуштај својот сон, без кој човекот не е човек!

Првиот македонски кошаркарски медиум ви ги пренесува последните новости и достигнувања од кошарката.

Авторски, преземено со дозвола, непристрасно, објективно, проверено и навремено - е нашето мото.

Секое и минимално копирање или преземање на наша содржина, подлежи на законските регулативи и прописи.

Copyright © 2021 basketball.mk - Ние постоиме за вас!

To Top