Актуелниот шампион славеше во првата пресметка со предизвикувачот за тронот, од Кавадарци. Мечот беше класичен пример за соочување на екипи што поминале сезона во посилно и во послабо натпреварување. АБА 2 лигата и средбите одиграни таму, како и долгите години во АБА елитата за одредени играчи, го направија своето, идентично како и во изминатите години додека аеродромци царуваа(т) во нашата кошарка.
Далеку од тоа дека Еуро Никел нема искусни кошаркари, но интензитетот присутен кај металците преку целата сезона, пресуди. Конечните 83:81 покажуваат колку беше тесен натпреварот, во кој гостите имаа 17:25 по првиот и 15:25 во последниот период, односно тројка за 82:81 на 17 секунди до истекот на времето за игра. Домашните ја создадоа предноста што успеаја да ја одбранат, во втората со 24:12 и во третата четвртина со 27:19.

Фотографијата е сопственост на КК МЗТ Скопје Аеродром и не смее да се користи без дозвола на клубот.
Олуџоби имаше 24 поени, Стојановски 15, 12 имаше Гравет, по 10 поени за победникот постигнаа Крстевски и Мекиќ. Кај поразените, Соколов имаше 16 поени, Дубински еден поен помалку, Рикиќ имаше дабл-дабл со по 14 поени и скокови. Тимски гледано, МЗТ беше подобар во повеќе офанзивни и поентерски категории, имаше помалку скокови (32/38), но и помалку загубени топки (7/17), односно повеќе украдени (11/4).
Конечната оценка на првиот финален меч е преодна, кон одлична. Имаше драма, имаше пресврти, имаше од се по нешто, како што заслужува едно финале. Честитките ги заслужија двете екипи, сегашниот и некогашниот шампион, кои покажаа дека во моментов заслужено се наоѓаат во двобојот за титулата. Штрковите водат со 1:0, во серијата до три победи. Следниот дуел се игра на теренот на Еуро Никел (04.06.2021).
