ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Ривалите на МЗТ почнаа да тренираат, само аеродромци уште се на „одмор“

Ривалите на МЗТ почнаа да тренираат, само аеродромци уште се на „одмор“

сподели

Уште не се знае каква ќе биде судбината на натпреварувањата под водство на АБА оваа сезона, но најголемиот дел од екипите од регионот веќе се вратија во тренажен процес.

Тоа важи и за конкурентите на МЗТ Скопје со кои нашиот актуелен шампион треба да се бори за пласман во елитниот ранг. На тренинзите се само домашните кошаркари, интернационалци нема бидејќи границите и аеродромите се затворени, па нема начин тие да пристигнат.

Кошаркарите на Сплит тренираат од крајот на минатата недела, а Сутјеска и Борац почнаа пред два дена. Хрватскиот тим има можност да се подготвува и во сала и во теретана, додека црногорскиот и српскиот претставник засега се во парковите.

Единствено МЗТ Скопје не е во можност да тренира затоа што во земјава уште е на сила вонредната состојба, забранети се собири на повеќе од две лица и затворени се сите сали за вежбање и тренирање. Вака ќе биде сигурно до 16 мај, а потоа веројатно екипите ќе имаат дозвола за тренирање.

Неофицијално, МЗТ Скопје би имал на располагање петмина домашни кошаркари сениори, тројца странци и двајца играчи од младинскиот погон. Пред паузата раскин на договорот доби Џабари Хиндс, а Рагип Атар речиси сигурно нема да се врати бидејќи се подготвува за продолжување на кариерата во НБА лигата.

АБА уште не донела одлука дали и на кој начин ќе се заврши сезоната во двете натпреварувања. Во елитната дивизија останува да се доигра цело последно коло, а во АБА 2 има уште еден натпревар кој нема апсолутно никакво значење за пласманот на табелата. МЗТ Скопје во полуфиналето треба да игра со Сплит, а втората полуфинална двојка ја сочинуваат Борац и Сутјеска.