МАКЕДОНИЈА

ПЕЛИСТЕР: Јасна е играта!!!

Битолскиот прволигаш, кој по долги години ја реинкарнира кошарката во овој град и да не беше короната, ќе ја полнеше салата во нашиот втор најголем спортски центар по престолнината, реагира на најновите предлози на нашата Куќа на кошарката (КФСМ).

Реакцијата ви ја пренесуваме целосно:

Почитувани,

Предлогот што господата од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) го испратија денеска до клубовите за начинот на кој би завршила сезонава само делумно ја пренесува дебатата на денешниот состанок со Здружението на прволигашите, пред сѐ во делот на испаѓањето од Првата лига.

Мора да ја информираме јавноста дека во ниту еден момент на денешниот состанок не стана збор во едната варијанта да испаѓаат четири, а во втората две екипи, кога веќе подолго време постои заеднички цензус на крајот од сезоната само два тима да се преселат во понизок ранг и тоа со играње според системот усвоен пред почетокот на сезоната.

Но, истовремено мора да нагласиме и дека ни е јасна играта на луѓето од Куќата на кошарката, кои со бројката на тимови што испаѓаат сакаат да ги „купат“ потребните гласови за предлогот што самите го протежираат, а тоа е укинување на Суперлигата и плејоф со осум екипи.

Максимално нечесно е среде сезона да се менуваат правилата на игра и да се дава идентична шанса на тие што вложувале и максимално се труделе од самиот почеток на сезоната па сѐ до денеска и на тие што не го правеле тоа, па сега сакаат во „матно“ да дојдат до шанса да бидат дел од елитата што ќе се бори за титулата.

Веруваме дека тоа не е ниту спортски, ниту етички, бидејќи се омаловажува трудот на кошаркарите, но и на управите на клубвите, кои имаат обезбедено пласман во Суперлигата или имаат квалитет и желба да го сторат тоа во блиска иднина, регуларно на теренот.

Затоа бараме да се вметне и трет предлог за кој би можеле да гласаат клубовите, а кој би бил своевиден компромис.

Тоа е ако веќе нема време да се доигра Суперлигата, тогаш плејофот да биде со шест екипи, колку што требаше да играат во суперлигашкиот дел, а не со осум како што во моментов предлага КФМ. Нормално, со испаѓање на две екипи со цел на задржување на квалитетот кој е несомнено висок оваа година во елитата.

Со понуда на ваков предлог, Куќата на кошарката ќе се амнестира од обвинувањата дека сето ова го прави за да им помогне на одредени тимови да дојдат до позиција да се борат за највисок пласман, нешто што не би го направиле ако остане сегашниот систем за натпреварување.

Би се играло четвртфинале со тимовите од трето до шесто место, а во полуфинале би им се приклучиле и двете првпласирани. Првиот круг би се играл на две добиени средби, а вториот и финалето на три добиени меча.

Овој систем постоел и во минатото и нема да биде ништо ново, а на овој начин би се задоволил и спортскиот дел и би се овозможило првенството да заврши во разумен рок.

Затоа сметаме дека КФМ треба да го презентира и овој предлог до клубовите, а ако не го стори тоа, тогаш само ќе потврди дека сето ова го прави од интерес кој не е само спортски туку има и заднина во делот на блиските односи со одреден(и) клуб(ови).

КФСМ на сите клубови од Прва лига – мажи, им понуди два предлога.

  

Првиот македонски кошаркарски медиум ви ги пренесува последните новости и достигнувања од кошарката.

Авторски, преземено со дозвола, непристрасно, објективно, проверено и навремено - е нашето мото.

Секое и минимално копирање или преземање на наша содржина, подлежи на законските регулативи и прописи.

Copyright © 2021 basketball.mk - Ние постоиме за вас!

To Top