Битолската екипа џентлменски му дозволи на скопскиот противник одложување на меѓусебниот дуел, поради појавата на Ковид-19 во редовите на металците. Соопштението на екипата од Аеродром, ви го пренесуваме во целост:
„Лошиот период во нашиот тим продолжува со веста која не растревожи утринава дека позитивен на коронавирусот е и нашиот капитен, Дамјан Стојановски. Тој, како и тренерот Дарко Радуловиќ, почувствува благи симптоми по средбата со Академија ФМП, по што веднаш замина во домашна изолација и се тестираше.
Дека ова е сериозен проблем за нашиот тим, но и за сите наши претходни и идни противници, потврдува и фактот што уште двајца наши кошаркари чувствуваат благи здравствени проблеми, поради што и за нив е закажано тестирање на Ковид-19.
Поради сето ова, МЗТ Скопје Аеродром со дозвола од нашиот противник Пелистер, побара одложување на дерби-натпреварот, со цел да се спречи понатамошното ширење на вирусот, како во нашиот тим, така и во битолскиот состав, кому сме му благодарни што веднаш ни излезе во пресрет.
Здравјето на кошаркарите и на двете екипи е во првенствен интерес за управите на двата тима, поради што се надеваме дека и интенцијата на КФМ ќе биде заштита на играчите, меѓу кои има и многу репрезентативци.
А, на нашиот капитен Дамјан му посакуваме лесно да го мине периодот во изолација, без никакви проблеми и да ја „нокаутира“ болеста со серија тројки и два-три атрактивни влеза, нешто што е заштитен знак во целата негова кариера.“
