МАКЕДОНИЈА

Нова етапа во развојот на најплодната кошаркарска школа во Македонија

Фотографиите се сопственост на basketball.mk и не смеe да се користат без дозвола на медиумот.

По 9 сезони поминати во младинската и сениорската кошарка во МЗТ Скопје, претходно 7 во Работнички и повеќе од две децении во неговата школа Плејмејкер со која стигна и до Првата лига, еден од најтрофејните младински тренери, Горан Крстевски реши да им се приклучи на црвено-црните.

Кој беше решавачкиот момент?

„Преминот во Вардар дојде по природен пат и се договоривме за кратко време со управата. Во МЗТ поминав 9 прекрасни години, но почувствував дека го достигнав зенитот на резултатски план. Управата на Вардар се произнесе со многу интересен и амбициозен план, го сврте моето внимание и по кратко размислување решив да ја прифатам понудата. Се сметам за човек од акција, секогаш ме привлекувале проекти, идеи и се препознав во нивните планови.“

Фотографиите се сопственост на basketball.mk и не смеe да се користат без дозвола на медиумот.

Гледајќи според имињата, Вардар е далеку зад МЗТ и Работнички во сениорска конкуренција, но Вардар последните две децении ги храни прволигашите со играчи, а вие сте еден од најтрофејните младински стратези. Има ли простор за заеднички напредок, за двете страни?

„Вардар веќе две децении е меѓу најуспешните кошаркарски школи во Македонија. Со моето доаѓање во кошаркарското семејство на Вардар, се надевам дека со своето искуство ќе внесам новитети и свежина во нивните редови, но сметам дека ќе има и обратен ефект, односно дека колегите тренери од Вардар уште повеќе ќе ме мотивираат и инспирираат да го дадам својот максимум и да се придодадам на нивната успешна работа. Оттаму и оптимизмот дека има простор за напредок и на личен и на клупски план, со оваа нова взаемна соработка.“

Колку е важно за еден тренер, особено за оние кои работат и со млади категории, да се следат современите трендови и методологии на работа?

„Тежнеам кон имплементирање на нова методологија, ги следам современите кошаркарски трендови на сите нивоа, но најмногу во работата со младинските категории. Тука ќе биде и ставен акцентот на мојата работа во сезоните што следат во КК Вардар.“

Фотографиите се сопственост на basketball.mk и не смеe да се користат без дозвола на медиумот.

Освен младинскиот погон, Вардар планира да го прошири и сениорскиот. Вашиот проект МЗТ Скопје 2 успешно живее, може ли истото да се повтори и со Вардар 2?

„Една од идеите на управата, во која се препознав, е создавање на втор сениорски тим. Мене еднаш тоа ми успеа со проектот т.н. МЗТ 2 и се надевам дека со колегите тренери во КК Вардар ќе успееме да дојдеме до целта и да го формираме вториот сениорски тим, кој полека ќе расте низ сениорските лиги, па да го дочекаме и денот кога ќе имаме и два прволигашки тима. Тоа воопшто не е лесно или едноставно за изведување. Само за илустрација, на проектот т.н. МЗТ 2, работев 6 сезони, со константно следење на 5 генерации и околу 100 играчи, дојдовме до еден конечен примерок кој заигра во Првата лига. Се надевам дека и управата на Вардар ќе не следи и поддржи во сите подеми и падови, кои се неминовни во еден ваков проект, во кој сите мора да дадеме повеќе од 100%.“

Фотографиите се сопственост на basketball.mk и не смеe да се користат без дозвола на медиумот.

Освен во младинска категорија каде не постои титула што ја нема освоено во повеќе наврати, Горан Крстевски беше дел А селекцијата на Македонија, тренер во амбициозниот проект ЦСКА Софија во УЛЕБ Купот и во повеќе наврати беше прв тренер на Работнички и на МЗТ Скопје – ги водеше екипите во УЛЕБ Купот, АБА лигата и домашните првенства.

Професорот Горан Крстевски, кој е дипломиран ДИФ-овец и поранешен кошаркар во некогашните силни југословенски и македонски натпреварувања, професионално е вработен во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје.

Фотографиите се сопственост на basketball.mk и не смеe да се користат без дозвола на медиумот.

Тој е еден од ретките кој е едуциран за и докажан во тактичка, техничка и физичка подготовка на играчите, а со оглед на тоа дека долго време работи со сите можни возрасни генерации на играчи и на ученици, силна страна му е и педагошкиот пристап, со што е комплетно профилиран во еден современ и квалитетен тренер.

Крстевски е дел од сите семинари во нашата земја, во улога на предавач, каде се едуцираат младите тренери кои може за кратко време да научат многу од неговата лична кошаркарска енциклопедиска искуствена архива.

  

Првиот македонски кошаркарски медиум ви ги пренесува последните новости и достигнувања од кошарката.

Авторски, преземено со дозвола, непристрасно, објективно, проверено и навремено - е нашето мото.

Секое и минимално копирање или преземање на наша содржина, подлежи на законските регулативи и прописи.

Copyright © 2021 basketball.mk - Ние постоиме за вас!

To Top