ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Нема Втора лига, нема младинска, нема женска кошарка…

Нема Втора лига, нема младинска, нема женска кошарка…

сподели

Ваучерите кои ги воведе Владата, а кои требаше да им помогнат на спортските здруженија и клубови, станаа проблем за спортот во нашата земја.

Претставници на клубовите од Втората лига, младинските категории и женската кошарка имаа состаноко со раководството на КФСМ пред кое го изнесоа своето незадоволство што голем дел од нив не ни добија ваучери. Претстојниот викенд требаше да почнат натпреварувањата во машката Втора лига (Исток и Запад), во женската Прва лига и младинските лиги, но тоа најверојатно нема да се случи.

„Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, на чело со Претседателот Перо Антиќ, Генералниот Секретар Владимир Георгиевски и Спортскиот Директор Тодор Гечевски јавно истакнува и потенцира дека ќе продолжи со несебична поддршка на сите кошаркарски клубови.

Клубовите кои минатата натпреварувачка сезона 2018/2019 се натпреваруваа во вториот ранг на натпреварување во машка сениорска конкуренција (Втора лига мажи, Исток и Запад) заедно со клубовите кои се натпреваруваат во младинските категории, не добија ваучер за користење на средства од даночно ослободување по Законот за данок на добивка.

Нивниот став и незадоволство денеска го презентираа пред раководството на КФСМ за одложување на стартот на првенството и евентуално откажување од лигата во целост доколку мерките кои претходно беа ветувани и најавувани не бидат исполнети за дополнителен стимул за поддршка и развој на клубовите кои не се натпреваруваат во највисокиот степен на натпреварување во домашното првенство (Прва лига мажи и жени).

Кошаркарската федерација на Северна Македонија го прифати ставот на клубовите“, стои во соопштението од КФСМ.

Basketball.mk неофицијално дознава Федерацијата и клубовите ќе се обидат да најдат решение, а на 18-ти октомври ќе излезат на прес-конференција на која ќе ги објават своите ставови на оваа тема.