ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МЗТ Скопје в понеделник се враќа на тренинзи!

МЗТ Скопје в понеделник се враќа на тренинзи!

сподели

Денот кога го обезбеди пласманот во полуфиналето од АБА 2, шампионот на Македонија последен пат тренираше заедно.

На 11 март МЗТ Скопје играше со Ловќен на домашен терен, претпладнето го одржа последниот тренинг, вечерта се сретна со црногорскиот претставник и славеше минимално (75:74), за заверка на третата позиција која носи во разигрувањето од регионалното натпреварување.

Потоа властите во Македонија воведоа вонредна состјба, забрането беше тренирање и собирање во групи, за денеска министерот за здравство Венко Филипче да објави дека од понеделник (18 мај) клубовите ќе можат да се вратат во тренажен процес. Од кошаркарските екипи, тоа прв ќе го направи МЗТ Скопје кој веќе го има и планот за работа.

„Со петмина од составот, сите домашни кошаркари, на 18 мај ќе почнеме со тренинзи на отворено. Први ќе се појават: Стојановски, Маслинко, Крстевски, Магдевски и Николов.

Кондициските тренинзи ќе ги одржуваме на кејот, во близина на салата, а можеме да го користиме и теренот на ФК Вардар. На технички и тактички план ќе работиме на теренот во близина на ТЦ Капитол. Тој има гумена подлога што нам ни одговара“, изјави за basketball.mk, тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.

Тимот од Аеродром има важечки договори со уште тројца странски кошаркари: Ерон Херис, Феми Олуџоби и Ѓорѓе Милошевиќ. Договор има и Рагип Атар, но тој во моментов е фокусиран на својата НБА иднина и клубот не сака да му прави проблем.Непосредно пред паузата си замина Џабари Хиндс.

„Кондицискиот тренер Петар Баснарков на странските кошаркари им испрати посебна програма за подготовки по која треба да тренираат. Се зависи од одлуката на АБА лигата. Ако се игра завршницата, тројцата мораат да се приклучат на тимот бидејќи без нив нема да можеме да излеземе на терен, односно би загубиле службено.

Покрај петтемина сениори, имаме уште двајца кошаркари од младинскиот погон, а минималниот број играчи за АБА 2 е десет. Во регионалното натпреварување е завршен преодниот рок, па не можеме ни да регистрираме нови кошаркари.

Иако не се знае што ќе се случи со АБА, многу е важно кошаркарите да бидат во заеднички тренажен процес бидејќи пауза од март до август за нив е катастрофа. Дури и да не се одигра ниеден натпревар, не смее да се дозволи толку долго да бидат неактивни“, додава трофејниот стручњак.

Домашното првенство е прекинато, без, до моментов, да се прогласи шампион, а во полуфиналето од АБА 2, МЗТ Скопје треба да игра со Сплит. Конечната одлука за тоа дали ќе се одржи плеј-офот, ќе биде позната по 27 мај. Екипите кои се пласираа во разигрувањето во АБА 2 тренираат веќе две недели, за разлика од МЗТ Скопје. Единствено заедничко им е тоа што и тие не можат да сметаат на странските играчи.

Другите тимови од македонската Прва лига најверојатно нема да се вратат на тренинзи до август. Голем дел од нив во моментов немаат на располагање ни една петорка.