Нашата репрезентативка и најдобра македонска кошаркарка последниве неколку сезони, реши да ја продолжи кариерата во Франција.
За првиот македонски кошаркарски медиум, последниот македонски МВП, Анџелика Митрашиновиќ (175, 1993) зборуваше за сезоната што помина.
Колку сте задоволни од успехот и двојната круна со Баскет Кам?
„Искрено можам да кажам дека ми е чест и задоволство што ми се укажа прилика по завршената сезона, од Подгорица да дојдам, да играм и да го претставувам клубот Баскет Кам. Драго ми е што бев дел од таа приказна и што имав придонес за освојување на двојната круна.“
Како го прими овој момент градот, со оглед на тоа дека искуството е прво, ова е град кој немал домашна титула, а сега има две?
„Иако Македонска Каменица е мало гратче, кое до скоро немаше силна екипа во ниту еден спорт, сепак на овој момент му се израдува достојно како што доликува на еден град кој живее за спортот, кој вложува и ивестира во развојот на кошарката.“
Беше ли тешко да се постигне ваков успех со нова екипа?
„Лично јас имам освоени повеќе македонски шампионати и купови, но за мене ова беше посебно искуство и доживување, особено затоа што за првпат во женската кошарка двата пехара завршија во Македонска Каменица. Не беше лесно да се дојде до ова ниво, се работеше напорно во текот на целата сезона и целта кон која одевме, беше јасна и на крајот исполнета.“
Каков е вашиот впечаток за овој релативно нов клуб, кој првпат се соочува со вакви големи предизвици, како беше организиран колективот?
„Организацијата на колективот беше на одлично ниво, а доказ за тоа е исходот на крајот на сезоната. Баскет Кам има организација и за поголеми натпреварувања од македонската лига, што се надевам дека во иднина ќе се оствари.“
Женската кошарка, оваа сезона во Македонија се крена на повисоко ниво. Се вратија многу интернационалки, дали со тоа порасна и квалитетот?
„Во вториот дел на сезоната и особено во Суперлигата, мислам дека мечевите беа на многу повисоко ниво баш поради тоа што повеќе репрезентативки се вратија во нашите клубови. Со тоа и плус со по некое странско име кое се најде во составите, мислам дека натпреварите беа поинтересни и повозбудливи за публиката, односно понеизвесни за нас играчите.“
View this post on Instagram
Следната сезона?
„Летниот период ќе го искористам за одмор и за рехабилитација на телото, психолошки да се растовари организмот од изминатата сезона. Потоа, продолжувам во екипата на Тарб, во францускиот шампионат. Во фаза од кариерата сум, кога ми е потребен нов, повисок предизвик и мислам дека достојно ќе ги претставувам нашите бои во Франција.“
