ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Македонец во НЦАА, зошто да не и во НБА?

Македонец во НЦАА, зошто да не и во НБА?

сподели

По една помината сезона во силната Кенеди Елит Баскетбал Академи од Синсинати, благодарение на одличните оценки по настапите во текот на целата сезона, со просек 14.4 поени, 5.6 скока и 6 асистенции по натпревар, за македонскиот проспект стигнаа многу понуди од елитни универзитети од САД и Канада.

Имајќи ги во предвид одличните услови и победничката традиција во НЦАА лигата, Кирил Панов реши во следните четири сезони да биде дел од екипата на колеџот Мисисипи.

„Високата школа е сместена во главниот град на сојузната држава Мисисипи, Џексон. Стипендијата е на четири години во еден многу квалитетен академски и кошаркарски амбиент. Универзитетот е формиран 1826-та година и има околу 6500 студенти.

Photo courtesy Mississippi College Athletics

Главниот тренер се вика Мајк Џонс и веќе 36 години е тренер на истиот универзитет, што само по себе кажува дека е искусен стратег со богата кариера и со многу успеси. Тој си ја знае работата и знае што сака во неговата екипа.“ – ни изјави Панов.

Струмичанецот (188, 2000) ќе биде претставен како силно засилување на плејмекерската позиција во тимот и паралелно со спортскиот аспект, што според неговите зборови, за него е исто така многу важно, ќе биде редовен студент во областа на бизнис менаџмент.

Тој има богато искуство и од шпанската кошарка, каде помина 5 сезони пред да замине преку Атланскиот Океан, на тест на своите можности во лигата и земјата која ги дава најдобрите кошаркари на светот.