ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Крајова без одговор за македонскиот шампион

Крајова без одговор за македонскиот шампион

сподели
Џабарди Хиндс (фото: Спортмедиа)

МЗТ Скопје запиша уште една лесна и убедлива победа на подготовките пред новата сезона.

Во „Јане Сандански“ гостуваше романскиот прволигаш Крајова, предводен од поранешниот тренер на шампионот Александар Тодоров. Конечниот резултат е 82:72 иако постоеја услови победата да биде изразена со многу повисока разлика.

Почетокот на натпреварот му припадна на гостинот кој поведе со 5:17, во вториот период беше 17:25, но потоа се случи серијата која тотално го сврте мечот. МЗТ Скопје постигна 24 поени, а прими само еден и поведе со 41:26, а на полувреме имаше 46:28.

Александар Тодоров (фото: Спортмедиа)

Во второто полувреме разликата одеше и над 20 поени, но во финишот Ѓорѓи Кочов им даде шанса на своите помлади кошаркари и Крајова го искористи тоа за да дојде до поднослив пораз.

Нуни Омот беше најефикасен играч во редовите на МЗТ Скопје, Џабари Хиндс постигна 12, а Андреј Маслинко 11. Сите што се појавија на теренот се запишаа во листата на стрелците, дури и Љубиша Димитровски кој летово е прекомандуван во првиот тим, а не играше хрватското засилување Марин Морнар.

Шампионот ќе одигра уште еден натпревар со Крајова, на 17 септември од 17 часот, но тој ќе биде од затворен карактер, во малата сала на СЦ „Јане Сандански“.