МАКЕДОНИЈА

КМЕТОВСКА: Чест и задоволство ми е што направивме луѓето да се почувствуваат горди!

Македонска Каменица е мало македонско гратче, со големо срце. Од неодамна и со две кошаркарски титули во витрините на ЖКК Баскет КАМ.

Една од креаторките на овој успех е Ивана Кметовска, која со несебичното залагање по укажаната доверба од клубот, беше незаменлива алка во историскиот успех.

Какво е чувството да се биде шампион со една мала екипа од еден мал град, кој е гладен за успех и за моменти кои носат среќа?

„Секогаш е огромно задоволството кога после голем вложен труд преку цела година на крајот ќе се крунисаш не со една, туку со две титули. Ќе ја искористам оваа прилика да и се заблагодарам на управата од клубот за одличните услови за работа и на сите мои соиграчи кои се бореа за да стигнеме до титулите.“

Обично секое чудо трае три дена, но Баскет КАМ издржа до крајот на двете натпреварувања и дома ги донесе двата пехара. Каква беше реакцијата во Македонска Каменица?

„Реакцијата на луѓето од Македонска Каменица беше многу позитивна! Чест и задоволство ми е што направивме луѓето да се почувствуваат горди што се каменичани и што едно мало градче го ставивме на кошаркарската мапа и го претставивме во најдобро можно светло. Луѓето се радуваа и славеа со нас после секоја наша победа и тоа е секогаш прекрасно да се види. Спортот не обедини и тоа беше дополнитечен мотив за да дадеме се од себе.“

Како помина сезоната? Беше ли тешко да се постигне ваков успех со нова екипа, скроена пред почетокот на сезоната?

„Можам да кажам дека имаше и подеми и падови, низ целата сезона. Почнавме со една екипа, стигнавме до полуфинале. Потоа ни дојдоа нови интернационални засилувања и ни требаше некој период да се уиграме, и да се “здишиме”. Попатно сите се боревме со поситни или со покрупни повреди, но ако не останевме заедно во сето тоа, немаше да дојдеме до овој краен исход. Дека беше лесно, воопшто не беше, но дефинитивно се исплатеше.“

Каков е твојот личен впечаток за овој релативно нов клуб во македонската кошарка?

„Многу сум задоволна од условите коишто ни ги пружи клубот изминатава сезона, од аспект на услови за тренинг, рехабилитација, при тоа сакам да го спомнам и нашиот тренер за физичка подготовка Сашо Пецев кој работеше со нас во делот на исхрана, суплементација, програми за теретана и слично.

Мило ми е што со тоа овој клуб докажа дека и во Македонија може да има врвни услови за работа. Вложувањето во условите и во играчите е единствен начин во земјава да се подигне нивото на квалитет. Се надевам дека ќе продолжат и во иднина со уште поголема ангажираност и посветеност и дека останатите клубови ќе го следат тој тренд.“

Женската кошарка сезонава изгледаше малку поинаку од претходните. Се вратија многу наши интернационалки, го крена ли овој момент квалитетот на кошарката?

„Во женската кошарка оваа сезона несомнено се направи еден голем чекор напред, на сечие задоволство. Со присуството на повеќе интернационалки и репрезентативки, публиката имаше можност да ужива во поквалитетни натпревари. Ние како играчи, а особено помладите, имавме прилика да исцрпеме позитивно искуство во однос на конкуренцијата и квалитетот на противниците и соиграчите.“

Какви се плановите за следната сезона?

„Моментално немам конкретна одлука за следната сезона. Следи летен одмор, па ќе го искористам да размислам што понатаму.“

НАПОМЕНА: Фотографиите искористени во ова интервју се сопственост на ЖКК Баскет КАМ и не смее да се користат без дозвола на клубот.

  

Првиот македонски кошаркарски медиум ви ги пренесува последните новости и достигнувања од кошарката.

Авторски, преземено со дозвола, непристрасно, објективно, проверено и навремено - е нашето мото.

Секое и минимално копирање или преземање на наша содржина, подлежи на законските регулативи и прописи.

Copyright © 2021 basketball.mk - Ние постоиме за вас!

To Top