ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Имавме АМАК и АВ, сега имаме НУЛА!

Имавме АМАК и АВ, сега имаме НУЛА!

сподели

Македонската кошарка повторно останува без еден кошаркарски центар, повторно ги губи Охрид и југозападниот регион, како идеална опција за распространување на оваа прекрасна игра по целата територија на Македонија.

Не е загубен само Охрид – истото им се случува на Струмица и Велес, Кавадарци и Битола живуркаат, Гостивар прави нешто од ништо, Гевгелија се мачи да склопи константна екипа и компетитивен состав што би се борел за висок дострел.

Салата на некогашниот шампион, во Струмица, последниве години зјае празна…

Централизацијата ни е огромен проблем, се што кошаркарски вреди скоро две децении се случува во Скопје. Последниот шампион од внатрешноста е Фени во 2011-та, а последниот освојувач на Купот е исто така Фени во 2010-та. Во Скопје не дошле само 6 Куп трофеи и само 5 титули, во историјата.

Првиот и последниот охридски освојувач на трофеј, е АМАК СП во 2009-та. Сезоната требаше да ни почне со екипа што ќе се бори за највисоки дострели, но ќе стартува со искинат дел од мапата. Охрид (АВ) потроши милион евра за три сезони, за да се откаже од кошарката.

фото: ohridnews.com

Не е битно дали клубот влегол во финансиски проблеми, за кои секогаш може да се најде излез. Не е битно дали тренерот се скарал со играчите, за што секогаш има решение. Не е битно дали еден играч му ја украл девојката на друг, да се изразиме грубо симболично, за што исто така има решение.

Ова не мора да се примери од Охрид, ова се примери од светските лиги, излезени во јавноста и преживеани. Клубовите се раѓале и згаснувале, кошарката доаѓала и си одела, од разни сали, градови, во светот, па и во Македонија. Проблемот, е друг.

Соколи со помош на Општина Карпош стигнаа до Купот, домашното финале и во АБА лигата (фото: karposhsokoli).

Проблемот е што ние живееме во нездрава спортска средина, што приватниците ни бегаат од инвестиција во спортот (кој апсурд, човече!!!), што само општините (за што еднаш веќе пишувавме) вложуваат во професионален спорт. И сето ова, во ситуација кога спортот е машина за пари и за окупација на луѓето, насекаде околу нас, поблиску или подалеку.

По точно 10 години од првата и единствена титула во нашиот бисер, останува да свети и да сјае токму тој еден и единствен пехар, кој ќе не потсеќа на убавите времиња, кој ќе не враќа во минатото и ќе ни биде еден од најголемите прашалници на денешнината.

Огромна штета ќе биде ако првенството ни се претвори во лига на два клуба, не по нивна вина – Работники и МЗТ Скопје (фото: mztskopjeaerodrom.mk).

Каде грешиме? Зошто ги губиме луѓето што сакаат да финансираат, но не сакаат само кај нас? Како е можно да не знаеме да изменаџираме нешто, што е достапно и спроведливо и за најглупавите, да ни простите на изразот, на светот?

Нема ли маж или група на мажи (ова кажано симболично, зошто да не се и жени) што ќе направи систем, што ќе ги донесе светските брендови, да се испозалепат на нашите дресови? Не плачеме по АВ, туку низ овој пример плачеме по сите што ја имаат оваа судбина…