ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА (ВИДЕО) Додека седите дома, уживајте во ретро кошарка: Работнички-МЗТ (1998)

(ВИДЕО) Додека седите дома, уживајте во ретро кошарка: Работнички-МЗТ (1998)

сподели

Ситуацијата со корона вирусот не принуди да останеме во своите домови, во очекување да се среди состојбата.

Времето не мора напразно да се троши, може да се искористи и за учење кошарка или гледање на некои натпревари од веќе подалечното минато. Поточно, од времето кога во Македонија беа полни салите на кошаркарските натпревари, без разлика дали станува за дуели од домашното првенство или европските купови.

Ова е петтиот натпревар од финалната серија во сезоната 1997/98 во која двојната круна ја освои (тогаш) Годел Работнички. Во финалето од Купот одигран во Кавадарци ја совлада Орка со спектакуларен пресврт инспириран од Горан Димитријевиќ, а во плеј-офот беше подобар од МЗТ Скопје со 3:2 за шеста титула во низа.

Тоа беше убедливо најдраматичното финале во историјата на македонското првенство. Ниеден од петте натпревари не заврши со повеќе од три поени разлика, а до последниот шут (Куртовиќ од цел терен за малку не го погоди обрачот) не се знаеше кој ќе го освои пехарот.

Годел Работнички водеше со 2:1 во победи, имаше брејк на гостински терен и четвртиот и петтиот натпревар ги играше дома. Четвртиот го „реши“ Тони Симиќ, тогаш во дресот на МЗТ Скопје кој во последната секунда постигна неверојатна тројка откако топката прво се одби од обрачот, отиде високо над таблата и се врати во мрежичката за израмнување на 2:2 по што мораше да се игра „мајсторка“.

Петтиот меч можеше целосно да ги смени настаните во македонската кошарка. Пред крајот на основните 40 минути Врбица Стефанов имаше шанса од линијата за слободни фрлања да му ја донесе првата титула на МЗТ Скопје (навивачите на тимот од Аеродром веќе славеа), но ги промаши двата шута, а Работнички потоа се избори за продолжение по кое дојде до победата.

По тие промашувања, МЗТ Скопје мораше да чека уште 14 години за да дојде до првиот трофеј во својата историја.