МАКЕДОНИЈА

Филиповиќ: ЖКК ,,Баскет Кам” ги исполнува условите за натпреварување во ВАБА лигата

фото: kamenica.mk

Женскиот кошаркарски клуб ,,Баскет Кам” ги исполнува условите и има просторни капацитети за натпреварување во ВАБА лигата. Ова е главната оценка на претседателот на ВАБА, Србобран Филиповиќ и директорот Урош Крањц, кои во М.Каменица остварија работна средба со градоначалничката Соња Стаменкова и претставниците од ЖКК ,,Баскет Кам”, Горан Даниловски и Јордан Цветановски.

Главниот акцент на посетата на Македонска Каменица која годинава го даде новиот македонски шампион во женска конкуренција и притоа го пријави своето деби учество во ВАБА лигата за идната сезона беше даден на условите во Спортската сала во која „Баскет Кам“ ги игра своите натпревари.

„Исто како и одличните услови во хотелските капацитети за сместување на гостинските екипи, на состанокот одржан во самата спортска сала, со раководството на клубот и градоначалничката на Македонска Каменица, констатиравме дека ЖКК ,,Баскет Кам” ги исполнува условите и има просторни капацитети за натпреварување во лигата.“ – кажа претседателот на лигата, Србобран Филиповиќ.

Како што додадоа претставниците на клубот со растот и развојот на кошаркарскиот клуб, Македонска Каменица прераснала во центар на македонската кошаркарска сцена.

„Ова е нов предизвик за клубот, како и огромен успех на Македонска Каменица. Упатуваме благодарност за одромната поддршка од заедницата, пред се до Општината и Рудникот Саса. Меѓународните натпревари се ново искуство за нас. Релативно сме млад клуб, но се надеваме дека успешно ќе ја претставиме Македонска Каменица во ВАБА лигата, како домаќин и ние како респектиран клуб и противник на теренот.“ – истакнаа од управата на ЖКК ,,Баскет Кам”.

Освојувањето на двојната круна во македонската женска кошарка за градоначалничката Соња Стаменкова е доволен доказ за добриот начин на работа во клубот.

„Благодарение на „Баскет Кам“, денеска, кошарката во Македонска Каменица е на многу повисоко ниво. Како локална самоуправа сме горди на секој успех на спортистите од Македонска Каменица и спремни сме да ги поддржиме спортистите и спортските клубови во нивниот развој. Се надеваме на континуитет на успесите на „Баскет Кам“ и во ВАБА лигата, како и на успешно претставување на нашата Општина во ова силно Јадранско натпреварување. – додаде Стаменкова.

Поради ваквите успеси на спортски план дополни дека поддршката на општината кон спортските клубови ќе продолжи да се зголемува.

Екипата на ЖКК ,,Баскет Кам” е освојувач на двојната круна во женскиот кошаркарски шампионат совладувајки го конкурентот Бадел кој ќе им прави друштво во Регионалното кошаркарско натпреварување.

НАПОМЕНА: Текст и фотографии преземени со дозвола од kamenica.mk

  

Првиот македонски кошаркарски медиум ви ги пренесува последните новости и достигнувања од кошарката.

Авторски, преземено со дозвола, непристрасно, објективно, проверено и навремено - е нашето мото.

Секое и минимално копирање или преземање на наша содржина, подлежи на законските регулативи и прописи.

Copyright © 2021 basketball.mk - Ние постоиме за вас!

To Top