Во втората колумна, Дина се осврнува на причините поради кои расте квалитетот на македонската женска лига, сезонава.
Долго време, повеќе од една деценија, а можеби и две децении, македонската женска кошарка тапкаше во местои и одеше надолу. Еден период, го допре и дното, постоеше опасност да ја снема од спортската мапа, што во никој случај не смее да се дозволи.
Во мојата кариера, сум искусила најразлични ситуации во нашава кошарка и затоа можам да кажам дека ова шт ни се случува денес, е голем напредок. Споменав во претходното излагање, дека имаме неколку екипи кои се со висок квалитет и атакуваат на титулите.
Основната причина за ваквиот развој на настаните, се ваучерите кои ги додели Владата. Клубовите сега имаат поголема поддршка и имаат финансиска стабилност. Веќе не постои само една екипа, онаа што ќе најде спонзор, кој ќе овозможи финансии за кошаркарките.
Фотографијата е сопственост на basketball.mk и не смее да се користи без дозвола на медиумот.
Сега, на пример, Работнички, Македонска каменица, Струга и други екипи, имаме ваучер. А сите знаеме дека финансиите си го прават своето. Без пари, може само да сонуваме за кошарка, воопшто за спорт. И со пари некој сонува, ако ги потроши несоодветно, но без финансиски средства не може да се замисли еден спортски колектив.
Со доделувањето на ваучерите, дојдоа финансиите, а со тоа доаѓаат и странски имиња, кои се надеваме дека ќе го кренат квалитетот на нашата Прва лига во женска конкуренција.
Фотографијата е сопственост на basketball.mk и не смее да се користи без дозвола на медиумот.
Ние, како генерација, поискусните во нашата лига, сме релативно млади да зборуваме за периодот во последните години од минатиот век, кога во Македонија се играла професионална женска кошарка. Но, мислам дека сме на добар пат да ја вратиме кошарката во женска конкуренција, таму каде што била.
Треба само да засукаме ракави и да работиме според современите принципи и стандарди. Во моментов, дел од екипите секако одиме по нагорна линија, а останатите треба да не следат барем организациски, колку што можат. Тепшко е без финансии, сите тоа го знаеме!
Дел од кошаркарките во нашата лига, сега имаат стабилни и релативно добри примања. Некои од нас може да преживеат од тие финансии, што не беше случај во минатото. Се уште има полупрофесионални играчи кои немаат соодветни плати за два тренинга дневно, за теретана, екипите немаат кондиционен тренер…
Професионализмот е тоа е долг пат што треба да го изодиме, но гледам дека опкружувањето во моментов е далеку попрофесионално, од најмалку минатата деценија. Очекувам да одиме само нагоре!
