ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Целата сезона на МЗТ Скопје пропадна за 4:29 минути

Целата сезона на МЗТ Скопје пропадна за 4:29 минути

сподели
Натпреварот во Сплит се покажа клучен за македонскиот тим

Се што можеше да се сврти против македонскиот претставник во регионалното натпреарување, се сврте во оваа 2020 година.

На 2 јануари, по триумфот против Рогашка на гостински терен со 83:90, нашиот тим беше убедливо на втората позиција на табелата со шанси дури и да го загрози лидерот Борац ако во следното коло славеа во Чачак. Тоа не се случи и оттука тргна малерот.

Од 9 јануари, кога загуби во Чачак, до крајот на сезоната МЗТ Скопје ги победи Сутјеска на домашен терен (88:78) и Ловќен во онаа драма во последното коло (75:74). Загуби од Сплит, Домжале, Широки, Динамик и Нови Пазар. Секој од нив во овој случај има големо значење бидејќи на крајот МЗТ и Сплит завршија со ист број бодови.

Двете екипи имаат иста вкупна кош-разлика (+48), па во овој случај одлучуваа меѓусебните дуели. Во нив подобар беше поранешниот европски шампион кој на домашен терен победи со 98:85, а во Скопје загуби со 70:64 и го освои второто место на табелата, а со тоа, подоцна обезбеди и административен пласман во елитата. Да биде уште поголема штетата, на 4:29 минути пред крајот на тој меч во Сплит, МЗТ Скопје водеше сп 79:80, за во следните 269 секунди да прими 19, а да постигне само пет поени.

Излегува дека тие седум разлика во корист на хрватскиот тим на крајот се решавачки во борбата за пласманот во првата АБА лига. Во тој период никој не знаеше дека сезоната нема да се доврши поради корона вирусот, па затоа сега сите во МЗТ Скопје уште повеќе жалат за пропуштената шанса.