Честитки за изборот селектор на женската М18 репрезентација, што очекуваш од новата позиција?
Многу сум возбудена за овој нов предизвик, дефинитивно голема можност за мене да се обидам да им ги пренесам моето знаење и искуство на девојките и како играч и како тренер. Мојата цел како селектор не е само да победиме на што е можно повеќе натпревари, туку да ја подигнам свеста на девојките во однос на тоа што значи да се биде прав спортист, да се обидам да го извлечам нивниот максимум и да го развиеме тимскиот дух.
Foto: FIBA
Условите во нашата женска кошарка?
Што да кажам што веќе не е кажано за условите во женската кошарка во Македонија? Треба сите да се свртиме кон себеси и да размислиме што ние сме направиле или што можеме да наравиме, за да го кренеме нивото на женската кошарка во нашата земја. Се работи за цел систем кој сметам дека треба да се промени, за да имаме некаков чекор кон подобро. Треба да најдеме начин како да ги задржиме младите талентирани девојчиња, но не само тоа, туку и клубовите да им пружат соодветни услови и можности за нивен напредок. Како што видовме изминатава сезона во сениорската лига - каде во неколку клубови беа донесени засилувања од други земји - со малку поголем финансиски влог, оваа македонска лига може да биде многу посилна и поинтересна, па и нашите млади девојчиња да имаат од кого да учат. Знаеме дека добар играч се станува само ако се натпреваруваме со посилни од нас…
Foto: FIBA
За репрезентацијата, актуелната состојба во селекциите?
Жално е што во сите генерации имаме пропусти и недостаток на девојчиња, па затоа мора да правиме компензации. Но, тоа е што е, наша работа е да се обидеме да го извлечеме максимумот од девојките. Се разбира, тоа е можно само со нивна соработка. М18 е генерација каде имаме повеќе талентирани девојки, меѓутоа талентот не е доволен сам по себе. Треба да разбереме дека оваа генерација веќе спаѓа во генерација која треба да игра сениорска кошарка и дека не е доволно само играчите да се појават на тренинг, туку секоја минута помината на теренот да биде максимално искористена за напредок. Борба за секоја мртва топка, борба за скок, меѓусебна поддршка и комуникација со соиграчите… Едноставно, кога сите елементи ќе се спојат, тогаш ќе бидеме добар тим.
