ПОЧЕТНА Во позадина Што имаше во кесата на Наумоски, што смееше Давитков, а Николовски и...

Што имаше во кесата на Наумоски, што смееше Давитков, а Николовски и Гечевски не смееа да видат?

сподели

Претседателот на Македонската кошаркарска федерација се појави пред натпреварот на нашата репрезентација против Швајцарија, во спортскиот центар „Јане Сандански“, со мошне сомнително пакување во рацете.

Тој носеше невообичаена црвена кеса, уредно спакувана, нешто што досега ретко се гледало во нашите сали. Како што може да се види на насловната фотографија, Петар Наумоски вешто се обиде да ја скрие кесата со својот телефон, но не успеа.

За среќа, нашиот фоторепортер успеа да го регистрира ова и сега сите знаеме, дека Наумоски носеше нешто крајно сомнително во рацете.

Аплицирајте веднаш за

Кога Кирил Николовски тргна да види што има внатре, како што се гледа на насловната фотографија, беше остро и молневито сопрен, од страна на претседателот.

Кире мораше да се повлече, не му остануваше ништо друго, но, како што се гледа на насловната фотографија, кутриот не можеше да го тргне погледот од таа толку сомнителна кеса, којашто беше црвена, уредно завиткана, но не беше навреме скриена од страна на Наумоски.

Потоа, се доближи електорот Јорданчо Давитков, кому му беше дозволено само да ѕирне дел од содржината на фамозната кеса, како што се гледа на фотографијата погоре. Јасно е, Јоцо смееше да ѕирне, тоа е тоа.

На крајот, дојде и Тодор Гечевски, директорот на А репрезентацијата. Уште пред да праша што има во кесата, Петар Наумоски плејмејкерски вербално го претрка и му даде до знаење дека тајната содржина на кесата, е тајна и не смее да се гледа.

А, Давитков, како што се гледа на сликата подолу, се правеше невешт, као он ништо не знае, а всушност тој многу добро знаеше (затоа што сите видовме дека ѕирна, како што е евидентирано на сликата погоре) што има во црвената кеса, уредно спакувана, која што не беше навреме скриена од страна на Наумоски.

Но, сторијата со кесата имаше и втора епизода, што како бонус ја презентираме во продолжение.

——————————-

БОНУС:

ГЕЧЕВСКИ: Јоцо, дај бе кажи што имаше во кесата?

ДАВИТКОВ: Тоше, знаеш дека не смеам, тајна си е тајна.

МАЛИНКОВ: Каква кеса, Тошка? Каква тајна, селекторе?

ДАВИТКОВ: Љупчо, ти направи скаутинг? Каде ти е? Ти знаеш ли што е црвена кеса и што е тајна, како смееш воопшто да прашуваш такво нешто?

ЏАНЛУКА БАРИЛАРИ: Цестито победа, колега. Туку, од насите слузби во репрезентацијата, дознав дека васиот пречедател се појавил со некаква црвена кеса во рацете. Тоа е мосне невообичаено во светот на косарката.

ДАВИТКОВ: Колега, благодарам на честитките и знаете дека не смеам да откривам национални тајни. Ве молам, не го барајте тоа од мене. Сега брзам на авион за Абу Даби. Се гледаме во Швајцарија на реваншот…

——————————-

(Следете не и понатаму, на следниот натпревар најверојатно претседателот на МКФ повторно ќе се појави со истата кеса и тогаш ќе се обидеме да дознаеме што има во неа.

Ако Наумоски ја смени црвената кеса со жолта, повторно ќе бидете навреме известени. Ви благодариме на довербата. Едно е јасно. Народот мора да знае што носи Наумоски во кесата, или во кесите.)