ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Шкупи влезе во победничка серија

Шкупи влезе во победничка серија

сподели
Извонреден финиш и важна победа за Шкупи

Седум кола екипата на Шкупи ја очекуваше првата победа во првенството, а сега веќе има две по ред.

По Карпош Соколи, чаирчани ја совладаа и Струмица на гостински терен со 69:64 во директниот дуел од долниот дел на табелата.

Аплицирајте веднаш за

Не изгледаше дека ќе биде така кога во седмата минута домашниот тим поведе со 15:5, а пред истекот на првата четвртина и со 26:9. Убедливата предност струмичани ја одржуваа и во вториот период кога Шкупи успеа да се доближи најмногу до 11 поени негатива (29:40).

Работите за скопската екипа се влошија на средината од третата четвртина кога тренерот Енвер Мифтари беше исклучен при резултат 45:33 за Струмица. Но, се случи спротивното, по неговото принудно заминување во соблекувалната, Шкупи, а особено Миојеке се разиграа.

Дојде и до мал прекин, гостинскиот тим се закани дека нема да го доигра натпреварот поради судиските неправди, но на крајот се се смири и кошаркарите се вратија на терен.

Со серија од 11:0 Шкупи се доближи на пристојни пет поени негатива (44:49), а во последните десет минути целосно ја презедоа резултатската контрола. Од 62:61, Шкупи постигна девет, а прими само два поени и стигна до мошне важната победа.

По исклучувањето на Мифтари, Миојеке постигна 16 од своите 27 поени на кои им додаде 17 скока и четири украдени топки. Кај Струмица најефикасен беше Тајнс со 16 поени и 11 скока.