ПОЧЕТНА Во позадина ТЕМА: Неговите раце, враќаат во живот

ТЕМА: Неговите раце, враќаат во живот

сподели

Современиот спорт подразбира многу повеќе од тренинг, исхрана, теретана, видео и другите основни сегменти, без кои што не може да се замисли еден ден или еден биоритам на кошаркар или на кошаркарски колектив.

Медицината и науката се нешта кои што мора да се следат, со цел да се овозможи непречено функционирање на играчите и на клубовите, а со тоа да се стигне и до подобри резултати, што би требало да е цел на секоја спортска организација.

Аплицирајте веднаш за

Новото време, со многу натпревари, особено го исфрла на површина елементот спортска масажа, како еден од есенцијалните за успех.

Basketball.mk разговараше со Симеон Стојчевски, кој што е физиотерапевт во КК Кожув од Гевгелија и има свој салон во овој град. За неговите раце, велат, дека враќаат во живот, по каква било повреда или потреба за масажа.

„Масажата е едно од најважните нешта што треба еден спортист (како и „обичниот“ човек) да го практикува. Со редовната масажа, се подобрува и се одржува мускулниот систем, се зголемува обемот на движењата, се спречува појава на атрофија, се минимизира оштетувањето на мускулниот систем, како и воспалението или болката на местото на евентуална повреда.

Симеон Стојчевски со Дарко Соколов и Бојан Трајковски

Со масажа се ослободува болката во мускулите, се зголемува флексибилноста, се јакне имунитетот, организмот се ослободува од токсини и кожата станува поздрава. Се подобрува, генерално, целото движење и држење на телото.

Со редовно практикување на масажа се ослободува ендорфинот (хормон против болка и стрес), подобро се спие, масажата го стимулира движењето на лимфата, ги намалува грчевите во мускулите, го намалува времето на заздравување по напорно вежбање.“ – вели Стојчевски.

Постојано гледаме по еден човек со торбичка, на секој натпревар на кошаркарските екипи, кој што внимателно следи се што се случува на теренот. Таа улога во КК Кожув ја има Симеон, кој што ги држи под будно око сите играчи.

„Физиотерапевтот во клубот секојдневно се грижи за сите играчи. Тоа значи комплетно следење на играчот со неговото доаѓање во клубот, од комлетното запознавање на историјата на здравствениот билтен на играчот, до моменталната состојба на истиот. Физиотерапевтот е 24/7 со играчите, улогата е голема и работните обврски се големи.

Физиото дава прва помош на играчите и тријажа, која вклучува преглед и дијагноза на евентуалната настаната повреда и насоки и средување на повредата, со цел побрзо враќање на теренот. Во негови раце се координацијата на процесот заздравување и рехабилитационата постапка за лекување.

Симеон Стојчевски и Војдан Стојановски

Физиотерапевтот треба да има секојдневна комуникација со останатиот медицински персонал во клубот, да се занимава со следење на тренажниот процес на играчите. Севкупно, физиотерапевтот се грижи за физичкото здравје на секој играч со комплетен скрининг за секого поединечно, прилагоден за неговите потреби.

За враќањето на теренот на играчот, по некоја повреда, најголема улога има токму физитерапевтот, во соработка со докторскиот тим на клубот.“ – ќе каже Стојчевски.

Слушаме и гледаме за масажата, но како таа се практикува, од стручен агол кажано?

„Има повеќе типови на третмани и масажи, кои се вршат секојдневно за подобро здравје и спремност на играчот. Од релакс и мускулно релаксирачка масажа, до лимфна и медицинска масажа, сите тие прилагодени на потребите на играчот.

Симеон Стојчевски и Владимир Брчков

Доколку се јави повреда од специфичен карактер, се работи на санирање на истата, со вклучување на тие масажи за побрз опоравок.“ – вели Стојчевски.

Што е потребно, да се влезе во овие води на медицината?

„За да се стане физио во еден клуб, потребно се знаење и пракса, комбинација која секојдневно се надоградува. Навремена дијагноза и брзо санирање на повредата со одредена рехабилитација, е најважното нешто што треба да го знае и практикува еден физио/масер во спортски клуб.

Во кошарката, 6-тиот играч е физиотерапевтот, бидејќи има клучна улога во функционирањето на еден клуб.“ – низ насмевка завршува Стојчевски.