ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ПЕТРОВСКИ: Фени има најдобри навивачи, кога ни е најтешко, тие се со...

ПЕТРОВСКИ: Фени има најдобри навивачи, кога ни е најтешко, тие се со нас

сподели

Поранешниот шампион Фени Индустри минува низ најтешкиот период во поновата клупска историја.

Кавадаречкиот клуб е последен првак на Македонија пред МЗТ Скопје да ја преземе доминацијата во домашната кошарка. Сепак, од 2011 година, кога ја освои својата трета титула, Фени Индустри не успеа да остане при врвот, а најголемиот успех го оствари минатата сезона кога во Купот на Македонија стигна до финалето.

Аплицирајте веднаш за

И место тоа да биде поттик за уште подобри денови на некогашната македонска гордост, единствениот наш клуб со меѓународна титула, можно е Фени Индустри да го снема. Клубот кој ги извади Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Горан Самарџиев многу лесно може тотално да згасне, за жал на вистинските љубители на кошарката.

А, колку овој спорт им значи на кавадарчани, најдобар доказ беше вчерашниот натпревар против МЗТ Скопје.

„Слободно можам да кажам дека Фени Индустри има најдобри навивачи. Кога ни беше најтешко, се собраа во голем број и ни ја дадоа поддршката. Никој немаше илузија дека МЗТ Скопје може да се победи, но навивачите покажаа верба во нас и љубов кон клубот”, изјави за basketball.mk капитенот на Фени, Јане Петровски.

МЗТ Скопје победи со 82:56, но поранешниот репрезентативец е категоричен дека тоа не е вистински одраз на ситуацијата на теренот.

„И десеткувани го извадивме максимумот од себе, повеќе од едно полувреме бевме конкурентни и се држевме против фаворитот. Јасно беше дека ќе загубиме, па сакавме да ги сочуваме силите за многу поважниот натпревар против Кожув в недела затоа што тоа е директен дуел за опстанок за нас.

Ги повикувам навивачите да дојдат и на тој натпревар и да ни дадат поддршка”, додаде Петровски.

И покрај проблемите со кои се соочуваше во досегашниот дел од сезоната, Фени Индустри ги победи Карпош Соколи и Куманово на гостински терен, а го намачи Работнички во Скопје. Во првите седум кола, тимот има четири победи и три порази, но мора да се избори со финансиската криза која се заканува да му направи огромни проблеми.