ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ДОКУЗОВСКИ: Ова дерби нема големо резултатско значење, но секогаш е добро да...

ДОКУЗОВСКИ: Ова дерби нема големо резултатско значење, но секогаш е добро да се победи МЗТ

сподели

Многу години поминаа откако последен пат големите градски ривали МЗТ Скопје и Работнички во исто време имаа квалитетни тимови и се бореа за титула.

Без оглед што во моментов не се еден до друг на табелата, на сите им е јасно дека тие ќе одлучуваат за шампионската титула во домашната кошарка. Првото големо дерби сезонава се игра во “Јане Сандански”. Марин Докузовски зад себе во кариерата има голем број вакви дуели.

Пораз ништо не му менува на Работнички, но никој не сака да загуби од најголемиот ривал

„Без натпревар сме повеќе од 15 дена што некогаш е добро, но некогаш и не е бидејќи сме излезени од натпреварувачки ритам. Од друга страна, имавме проблеми со повреди, Чековски беше повреден, првпат тренираше на два дена пред дербито и имаше малку повеќе време да се рехабилитира.

Од резултатски аспект овој натпревар нема големо значење бидејќи уште е почетна фаза од сезоната, но кога се игра против МЗТ Скопје, секогаш сакаме да победиме. Дерби е дерби, не е важно ни кој на кое место е, ни кој во каква форма, ни кој каков тим има.

МЗТ Скопје можеби има подолга клупа, но Работнички има повоигран тим

Секогаш се интересни тие натпревари и кошарката во Македонија, без да се навреди некој, ја правеле и ја прават Работнички и МЗТ Скопје. Сите имаат национални дерби дуели, овој е нашиот. Претходните години можеби не беше на старото ниво, но се надевам дека ќе си го вратиме“, вели Докузовски за basketball.mk.

Работнички има максимален ефект во првите седум кола, МЗТ Скопје претрпе два пораза, двата на домашен терен каде го игра и дербито со Работнички. Освен тоа, последните недели двете екипи направија промени во своите состави. МЗТ Скопје донесе дури пет нови кошаркари, а Работнички само Кире Николовски.

„Ако направиме анализа од играчки аспект, МЗТ Скопје направи многу промени од почетокот на сезоната, но има поголем број квалитетни кошаркари бидејќи и клупата му е силна. Но, пак ќе кажам, на вакви натпревари нема фаворити.

Николовски ќе дебитира за Работнички и тоа против својот поранешен тим

За Кире Николовски ова ќе биде прв натпревар, уште не е целосно вклопен, но има време. Не сме многу оптоварени од резултатскиот епилог на овој натпревар. Уште е почетен дел од сезоната и дербито доаѓа во вистински момент за создавање една кошаркарска еуфорија”, заврши Докузовски.