ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Десеткуваниот Фени се држеше едно полувреме против шампионот

Десеткуваниот Фени се држеше едно полувреме против шампионот

сподели

МЗТ Скопје стигна до третата победа во низа во домашното првенство победувајќи го Фени Индустри со 82:56.

Можеби епилогот од овој натпревар ќе беше поинаков ако се играше нешто порано, на почетокот на месецов, на пример, но во меѓувреме кавадарчани влегоа во голема криза, не се знае иднината и опстанокот на клубот и дуелот со шампионот беше најмалата работа на која во моментов мислат кошаркарите и стручниот штаб.

Аплицирајте веднаш за

Си заминаа странците од екипата, останаа многу млади играчи, но и во такви услови Фени Индустри се држеше во првото полувреме, па дури и ја доби првата четвртина во своја корист.

Во неа немаше многу поени, но Фени речиси постојано беше во водство, најмногу со четири поени разлика во деветтата минута. По тројката на Марковски во 11. минута домаќините поведоа со 17:15 и веднаш потоа МЗТ Скопје ги презеде работите под своја контрола.

Во следните осум минути шампионот постигна 17 поени, а прими само три и поведе со 32:20. Фени не планираше да се предаде, со серија од 7:0 се доближи на само два поени негатива на стартот од второто полувреме (32:34), но тоа беше се од кавадаречкиот тим.

МЗТ Скопје направи нова серија, сега од 18:2 за +18 (52:34) по шест минути игра во вториот дел. Брзо потоа предноста се искачи и на +20, па се до крајот беше само формалност.

Јане Петровски одигра како да му е последен натпревар во дресот на Фени

Капитенот на Фени, Јане Петровски одигра извонреден натпревар постигнувајќи 19 поени, шест скока и четири асистенции за индекс 29 против својот поранешен клуб. Како да сакаше да покаже дека е посилен од сите проблеми што го обременуваат тимот во овој период.

На спротивната страна блескаше Јуре Лалиќ со 20 поени, а Бојан Трајковски го преседе натпреварот поради повредата која се заканува да го однесе на операциона маса.