ПОЧЕТНА Во позадина ДВА НАСЛОВА И ПОЕНТА: Ни Косово веќе не е Косово!

ДВА НАСЛОВА И ПОЕНТА: Ни Косово веќе не е Косово!

сподели
fiba.basketball

Двата наслова се овој и оној во статусот на Facebook. Поентата е поврзана со двата. Кој има време нека чита, се работи за искуство од лице место, што не се плаќа со ниедни пари на светов.

Вовед

Мала храбра и компактна екипа на македонски новинари замина за Приштина, организирана од страна на МКФ, испратена со пладневен ручек во скопски ресторан, скоцкана во фино Мерцедес комбе со затемнети прозорци, без проблеми по пат или на граница…

Аплицирајте веднаш за

Атмосферата на ниво уште пред ручекот, весела, шегобијна, со досетки, со новинарски вулгаризми, со кошаркарски теми, со секојдневни проблеми…

И веднаш помислата – многу арно, не е на арно! Нешто ќе се случи! Чувај се и внимавај!

И… се случи, најнепредвидливото!

За првиот наслов

Влегуваме во Косово и освен попатниот впечаток дека сме во развиена индустриско-трговска зона, кој што не е прв затоа што повеќе пати сме биле таму, забележавме и многу раздвиженост на луѓето. Гужва како да е пазарен ден, а беше по 18:00 часот. Да, луѓето таму ЖИВЕАТ!

Новинарите се зад рекламното пано, во позадина (фото: fiba.basketball).

Доаѓаме во салата, не пречекува организирана екипа на домаќини, во маички по теркот на ФИБА, во сала со квалитетен прес-центар, со место за новинарите покрај теренот, бели чаршафи само за нас гостинските газетари (новинари), ВИП столчиња во улога на ложа покрај теренот…

Сала „дупке пуна“ (тоа е кованица на српско-хрватски и не значи полна со дупки, како што некои колеги во минатото преведувале во пренос, туку исполнета до последното место!!!), убав народ, трибини и протокол по мерка, химни без исвиркување, натпревар во најдобар ред…

Победивме, нема инциденти, нема шишиња на паркет, нема прекин, нема националистичко-емотивно-убиствен набој, има презимиња на -иќ во противничкиот табор, подадена рака по крајот на мечот, со насмевка и со констатација – Имате силну репрезентација!

Вип-ложата покрај теренот, лево во кадарот (фото: fiba.basketball).

Па добро бе, ова ли е Косово? За ова ли тепавме пат? Па, вака е секаде во светот! Дојдовме да регистрираме војна, балканска, почеток на нова европска, светска… Да знаевме дека ќе биде вака лесно, немаше ни да тргнеме…

Наводно ФИБА се заканила, имало камери, дронови, снимале Американците со сателит, Русите чекале на готовс со тенкови ако има нешто па да ускочат… Е добро де, што и да било во позадина, не се гледа, а од она што го видовме, бевме искрено и позитивно воодушевени.

За вториот наслов

Да не го расипеме првиот, не го пишавме претходно, но мора да го споменеме затоа што е тесно поврзано со поентата подолу, она што се случи во третиот период и на почетокот на последниот, а слушнавме дека во преносот на ТВ во Македонија во некои моменти немало тон, па затоа и можеби не сте слушнале што се скандираше во салата.

Малку, кратко, но гласно, беше извикувано – цигане (најверојатно значи множина од циган, погрден збор за најсиромашната категорија луѓе во нашето општество – Ромите), Бугари (граѓани на нашиот источен сосед, најверојатно употребено поради бројните бугарски пасоши на нашинците), пи*ки (најверојатно употребено затоа што загубивме минатиот пат, не забиваме туку само положуваме, не ја прифаќаме агресивната игра на противникот во која може да се загубат главата и мечот).

fiba.basketball

И да не заборавиме – во текот на целиот натпревар, од едната трибина, зад нас, од грлото на еден ист човек, кој што засипна на крајот, се слушаше презимето на Бојан Трајковски, во „сочен“ контекст… ТрајКовскиииииииии…. и потоа мајки, шајки…

За волја на вистината, за време на претставувањето сите наши играчи беа исвиркувани, а Трајковски беше поздравен со громогласен аплауз, го паметат луѓето од времето кога играше таму.

Она погореспоменатото за (о)квалификациите како цигани, Бугари и пи*ки, не би требало да не боли многу, затоа што тоа е нормално во овој дел од светот, тоа се вика спец(ијална, се учеше по ОНО, предмет што модерните генерации не можат ни да го замислат)-војна од психолошки карактер која што има за цел да го наруши комодитетот на противникот, а со тоа да се дојде до позитивен резултат.

Трајковски во шутерски елемент (фото: fiba.basketball).

Само што, спец-војната, овој пат (намерно овојпат е напишано одделно, а треба споено), беше неуспешна… а Трајковски ги попари домаќините, особено кога не им одеше на неговите соиграчи – ја зеде топката и особено во второто полувреме ја искина мрежичката на кошот спроти бенчот на новинарите, каде што седевме сите ние.

Мала дигресија

Оние што не дојдоа, а можеше да дојде кој сака, затоа што Федерацијата беше подготвена да „пушти“ и автобус, п(р)опуш(т)ија многу, и сега ни доаѓа на ум писмото што еден делија им го напиша на сите помодари, непосредно по неговата лична констатација дека не може да си купи карта за омилениот фудбалски тим за мечевите во Лигата на шампионите што почнува скоро:

Непознат автор, статус на Facebook

За поентата

Светот оди напред, ние имаме потенцијал да го следиме, но не знаеме што да правиме со себе и како да го задржиме чекорот со модерното време.

Наместо да играме квалификации за следниот мундијал, ние играме втора фаза претквалификации за ЕП, со – за нас кога би биле на врвот на нашите можности – треторазредни репрезентации, кои што ќе ги замолиме да ни простат на оваа квалификација.

Еден дел од поентата се однесува на кошаркарските можности – луѓе, имаме селекција путер, со црно злато, сите тие наши деца од генерацијата 1986-88 зачинети со присуството на најсигурниот во играчка смисла странец, по Бо МекКејлеб, Ричард Хендрикс.

fiba.basketball

Им недостасува квалитетен тренинг, квалитетни натпревари во домашната лига каде што играа(т) повеќето од нив, немаат здрава кошаркарска средина да се развијат и да се распламнат. Ако го имавме сето тоа, ќе игравме уште по некое полуфинале, а вака, ќе се надеваме дека не е доцна.

Другиот дел од поентата се однесува на нашата општествена слика – раскарани, разјадени, осиромашени, психолошки столчени, искрадени, со празни џебови, растурени по светот – тоа сме ние Македонците.

Ќе се најде ли јунак да не среди, да не сплоти? Тогаш ќе ни рипне и кошарката и нашите кошаркари ќе излегуваат од тунелот в сала како пауни, а нашите навивач(к)и на трибините ќе прават селфи со ајфон 10-ка екстра ларџ со 6.5 инчен екран или како и да се вика веќе, а не со нокиа 6600.

Спортот е слика на општеството, во моментов и не не бива баш, а гледаме дека знаеме и можеме, затоа боли многу кога некој го брише подот со тебе, а ти си немоќен затоа што сам си го бараш и дозволуваш!

fiba.basketball

НАПОМЕНА:

Целата поента на содржинава има длабока порака, секој збор е одмерен и внимателно биран, до доцните часови, еве веќе е 02:33 по полноќ…

Не му замер(ув)ајте на авторот за неговото емотивно празнење, кое што на моменти изгледа дезориентирано и кое што шара од тема во тема и кое што е резултат на победата на нашиот кошаркарски Газиместан, каде што доживеавме потоп во мундијалските квалификации, но почнавме шампионски во европските.

Не чека вториот испит на зрелоста, се вика Романија. Ако не ја победиме во Скопје, в недела, овој триумф ќе биде само уште еден случаен и цигански, бугарски, пи*карски…

НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!!!

***НАПОМЕНА ПО НАПОМЕНАТА:

Да си кажеме дека и во овој текст е користен сленг и уличен жаргон и да потенцираме дека текстов има позитивна насока, па сега кој како ќе го с-Фати…