ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Заврши една блескава кариера, почнува ли нова, иста таква?

Заврши една блескава кариера, почнува ли нова, иста таква?

сподели
Поранешниот плејмејкер почна нова епизода во животот

Легендарниот македонски кошаркар Димитар Мираковски официјално дебитираше на еден првенствен натпревар како прв тренер на Работнички.

Дебито помина одлично иако ривалот можеби не беше на нивото на најтрофејниот колектив во земјава. Мираковски и последните години како активен играч беше „десна рака“ на Марин Докузовски, тренер на теренот, а често знаеше и од клупата да им сугерира на колегите што и како да играат.

Минатата сезона струмичанецот беше како помошник на Докузовски

Неговото дводецениско искуство како професионален кошаркар ни дава право да очекуваме од него да стане врвен тренер. Не смееме да заборавиме дека струмичанецот беше дел од златната генерација на македонската репрезентација која го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија пред осум години.

Почна во Неметали Огражден пред крајот на претходниот милениум, играше во голем број македонски прволигаши, настапуваше и во странство (Косово, Бугарија и Грција), но трофеите ги освои со Работнички чиј член беше вкупно 10 години во четири „мандати“.

Единствената шампионска титула во земјава Мираковски ја освои во 2018 година, како капитен на Работнички

Лани се закити со единствената шампионска титула, а претходно освои три Купа и два Суперкупа. Да не беа тешките повреди поради кои пропушти две цели сезони во најдобрите години, којзнае како ќе изгледаше неговата колекција во моментов.

Она што е добро за македонската кошарка е што сега на клупите на двата најтрофејни клуба седат млади стручњаци, во четвртата деценија од животот. Ѓорѓи Кочов има малку поголемо искуство бидејќи веќе 1,5 години е прв тренер на МЗТ Скопје, но Мираковски може да се пофали со подолга играчка кариера.