ПОЧЕТНА Евролига Во омилената арена на Македонците, ќе се игра следниот Ф4 од Евролигата

Во омилената арена на Македонците, ќе се игра следниот Ф4 од Евролигата

сподели

Четвртиот најголем германски град идната година ќе биде домаќин и на најдобрите ракометари и на најдобрите кошаркари во Европа.

Евролигата одлучи Ланксес арената, односно Келн да го организираат завршниот турнир од ова натпреварување, првпат во историјата.

Ланксес арената

Келн ќе биде втор германски град, по Берлин во 2009 и 2016 година, кој ќе биде домаќин на најдобрите четири екипи од Европа. Пред да го смени името во Евролига, односно додека се викаше Куп на европските шампиони, се играше уште во Минхен, во 1989 година кога триумфираше Југопластика.

Завршниот турнир од Евролигата е на програмата од 22 до 24 мај, а една недела подоцна во истата арена ќе се собере и ракометната елита во машка конкуренција.

Секој Македонец го полазуваат морници кога ќе се спомне Ланксес арената. Во последните три години Ракометниот клуб Вардар таму ги освои двете титули во Лигата на шампионите, а три пати по ред учествуваше на завршниот турнир, како единствена екипа во Европа која успеала да направи такво нешто.

„Потврдата дека ќе го организираме Ф4 од Евролигата во 2020 година е фантастична вест за нас. Ракометарите веќе се чувствуваат како дома во Келн и во Ланксес арената и сигурна сум дека кошаркарите ќе станат наши нови фанови“, изјави градоначалничката на Келн, Хенриете Рекер.

Во истата арена за две години ќе се играат и натпревари од една од групите на Европското првенство чии организатори ќе бидат четири држави: Германија, Чешка, Грузија и Италија.