ПОЧЕТНА Други репрезентации Во моментов, не само Белгија, туку цела Европа е пресилна за Македонија

Во моментов, не само Белгија, туку цела Европа е пресилна за Македонија

сподели
fiba.basketball

Катастрофата на стартот на ЕП до 20 години во Португалија, потопот на македонскиот брод режиран од белгиската селекција, е пораз на комплетната македонска кошарка, исто како што се тоа поразите и на другите наши млади селекции.

Нашите надежи во сите категории, машки и женски, од најмали до најголеми, со чест на исклучоците, губат од кого стигнат на сите натпреварувања и се заковани во Б дивизиите во сите категории.

fiba.basketball

Тоа никако не смее да им се припише на кошаркарите, туку само на клубовите, со чест на исклучоците и во оваа констатација, кои што НЕ РАБОТАТ СО ПОДМЛАДОК и не се грижат за иднината на овој наш некогаш и не толку одамна НАЈСЛАВЕН спорт.

Нашите играчи немаат минутажа во своите клубови не затоа што кај нас играат странци, туку затоа што нашите играчи не тренираат, не работат и не се влезени во современите системи и теркови на кошарката, што во младинските категории не може да биде нивна, туку само и единствено е организациска вина.

Споредба на шутот и скокот на двете селекции, нашиот процент е лево (fiba.basketball).

Ваквиот третман на спортот, води кон пропаст на тој спорт за кој што се зборува. Тука не се амнестирани ниту играчите, кај кои што НЕ ПОСТОИ САМОИНИЦИЈАТИВА за создавање на работни навики и за изградба на нивните кариери.

Луѓе, нема да претераме ако кажеме дека 90% од нашите кошаркари не влегуваат во теретана, се плашат да не „им се расипе шутот“!

Исхраната и спиењето во вечерните часови се исто така огромен „проблем“ за повеќето од нив, но тоа се случува и затоа што не се во „бубањ“ кој што ќе ги исцеди и нема да им даде да „дишат“ после тренинзите.

Статитсика на нашата селекција (fiba.basketball).

Да ги оставиме младинците да доиграат до крај, без притисок, да не им создаваме дополнителни комплекси од оние што им се „природно и од дома“ наметнати.

Овие момчиња до 20 години одамна ја поминале границата за таленти, па по враќањето во Македонија МОРА да работат на себе и нешто драстично да сменат во сфаќањето, ако сакаат „нормално“ да продолжат со кошарка.

Клучни статистички елементи (fiba.basketball).

А другите, чинителите на нашата кошарка, не да стават прст на чело, туку да си вперат цевка во чело и ако не планираат да РАБОТАТ со младинските категории, нека не пријавуваат екипи ниту во сениорските.

Тука и во овој дел треба да се постави нов начин на фуккционирање, а не „лажни“ ограничувања на број на играчи на терен, што нема да има никаков есенцијален ефект врз порастот на квалитетот на нашата кошарка.

Дамјан Крстевски (лево, fiba.basketball).

Светот одамна е модерен и отворен и никаде, буквално НИКАДЕ на овој бел свет нема никакви ограничувања, освен според КВАЛИТЕТОТ! Квалитетот, секаде е главниот двигател, помогнат од работа, ред и дисциплина на сите нивоа.

Да, за натпреварот – Павле Михајловски со 17 поени и 10 скока беше најдобар поединец на мечот со Белгија, што го загубивме со 56:95. Мартин Ѓорѓиевски беше другиот двоцифрен кај нас, со 13 поени. Харис Братановиќ на спротивната страна имаше 16 поени, уште тројца имаа двоцифрен учинок.