ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Вардар продолжува со истата визија и мисија

Вардар продолжува со истата визија и мисија

сподели

Прволигашот со најдобра младинска школа во Македонија ги стартуваше подготовките за новата сезона.

И во неа нема да отстапи од својата филозофија која ја знаат сите што се занимаваат со кошарка во земјата. Таа носеше резултат последните години, Вардар извади голем број млади кошаркари кои се веќе афирмирани низ клубовите во Првата лига.

ФОТО: Александар Ристовски

И на клупата нема да има промени, останува Дарко Радуловиќ кој лани го внесе тимот во елитата, а потоа и го сочува прволигашкиот статус.

„Ја привршуваме првата недела од подготовките, оваа година почнавме подоцна од вообичаеното, но по долгото работно лето со младинските репрезентации во кои учествуваа голем број наши кошаркари и речиси сите од стручниот штаб – очекувано.

Водејќи се од својата добро позната визија, КК Вардар повторно во Прва лига ќе игра со состав од кошаркари со просек околу 20-21 год. Нашата мисија и цел е да работиме квалитетно и макотрпно, а на младите талентирани играчи да им дадеме простор за игра и развивање.

За да бидеме поконкурентни ќе имаме тројца странци, еден е веќе тука (Ајуда Нивеш) и тренира со екипата, игра на позиција бек шутер. На средина на септември ќе пристигнат уште двајца, еден плејмејкер и еден играч на позиција 4/5. Имаме неколку актуелни и поранешни младински репрезентативци и амбициите повторно ќе бидат опстанок во лигата, ама притоа да добиеме уште некој играч кој би се развил во сениорски рутинер.

Ќе работиме напорно, како и секогаш и нема да ја напуштаме филозофијата за агресивна и брза игра. Ќе биде тешко првенство, многу тимови имаат сериозни засилувања, имаме некој таргет каде би требало да бараме победи, ама презентација на квалитетна кошарка е целта над сите“, изјави Радуловиќ за basketball.mk.

Една од главните цели на раководството на клубот беше да се задржи Дамјан Робев кој лани доживеа тешка повреда и ја пропушти цела сезона. За поранешниот младински репрезентативец имаше интерес и од МЗТ Скопје кој сакаше да помогне во неговата рехабилитација, но и кошаркарот и Вардар сметаа дека е најдобро да ја продолжат соработката.

„Робев е наше дете, сакаме да му дадеме прилика да се врати по долгата пауза поради тешката повреда. Ќе го почекаме пак да заигра во добра форма, нема да го форсираме премногу.

Неговото здравје ни е најважно од се, а треба и тој да ја крене својата самодоверба пред да го направи следниот чекор во кариерата“, додава 39-годишниот стручњак.