ПОЧЕТНА НБА Уште еден земјотрес во НБА – Вестбрук во Хјустон, Пол во Оклахома

Уште еден земјотрес во НБА – Вестбрук во Хјустон, Пол во Оклахома

сподели
Mark D. Smith-USA TODAY Sports

Најкорисниот играч во НБА за сезоната 2016/17 повторно ќе игра во тандем со Џејмс Харден.

Оклахома и Хјустон направија трејд по кој Расел Вестбрук е испратен во Тандер во замена за Крис Пол и пикови во првата рунда од драфтот во 2024 и 2026 година. Интерес за 30-годишниот плејмејкер покажа и Мајами Хит, но понудата од оваа франшиза не им се допаднала на челниците на Оклахома.

Наводно, одлучила желбата на Вестбрук повторно да игра со Харден кој три години му беше соиграч во досегашниот тим. Од друга страна Хјустон сакал да се ослободи од ветеранот Крис Пол и да го донесе четири години помладиот играч на истата позиција.

Со ова официјално завршува една ера во историјата на Оклахома Сити Тандер која траеше откако франшизата се пресели од Сиетл во 2008 година. Во 2012 овој тим играше финале во НБА лигата и загуби од Мајами, но истото лето почна распродажбата на најдобрите кошаркари.

Bleacher Report

Прв беше трејдуван Џејмс Харден, во 2016 година си замина Кевин Дурант, а неодамна екипата ја напушти и Пол Џорџ кој дојде пред две сезони. Вестбрук беше член на тимот од преселбата во Оклахома и се сметаше за негов заштитен знак, но и човек кој го брани интегритетот на франшизата, меѓу другото и поради тоа што остро го критикуваше Дурант кога пред три години одлучи да отиде во екипа што ќе се бори за шампионската титула.

Откако Вестбрук беше драфтуван од Оклахома во 2008 година, само две екипи (Сан Антонио (613) и Хјустон (541) имаат повеќе победи во лигата од Тандер (538). Плејмејкерот беше еден од тројцата пикови на Оклахома во период од една деценија кои беа прогласувани за МВП на сезоната што не му се случило на ниеден тим во лигата.

Пред три сезони Вестбрук стана првиот играч по Оскар Робертсон во 1962 година кој ја завршил сезоната со трипл-дабл просек, а во исто време го собори неговиот рекорд со 42 трипл-дабл-а во една сезона. Плејмејкерот е еден од само десетте кошаркари во историјата на НБА со над 15000 поени, 5000 скока и 5000 асистенции за една франшиза. Седум од овие кошаркари се веќе членови на Куќата на славните, а останатите двајца се Коби Брајант и Леброн Џејмс.

Los Angeles Times

Оклахома сега е без суперѕвезда во своите редови, но во следните сезони има дури 15 пика во првата рунда од драфтот, најмногу од сите екипи. Дел од нив може да искористи за создавање нова млада генерација, а дел за размена и ангажирање искусни кошаркари.

Што се однесува до Хјустон, сега Џејмс Харден има играч кој може да помогне екипата да го направи чекорот што недостасува и да ја однесе во финалето. Колку е тоа реално покрај силните Лејкерс и Клиперс ќе покаже претстојната сезона, но Харден не беше во добри односи со Крис Пол, што често знаеше да се одрази на резултатите на екипата, а е одличен пријател со Вестбрук.