ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Уште еден македонски талент заминува во Шпанија

Уште еден македонски талент заминува во Шпанија

сподели
Бојан Величковски (десно)

Андреј Магдевски ја помина школата на Реал, Ненад Димитријевиќ на Хувентут и сега игра во првиот состав на овој клуб, Теодор Симиќ речиси една година е во Барселона, а на прагот да им се приклучи е уште еден млад кошаркар.

Бојан Величковски, членот на М14 екипата на Вардар 2 под водство на Александар Ашаданов, од 2 до 6 декември ќе биде на проба во Естудијантес, а од 6 до 8 ќе игра за оваа екипа на мини купот ЕНДЕСА 2020. Тоа е национално натпреварување за кошаркари на оваа возраст на кое учествуваат 16 екипи и се борат за пласман на завршниот турнир. Во групата на Естудијантес се уште Валенсија, Андора и Басконија.

Претходните две години Величковски беше убедливо најдобар македонски кошаркар во својата возрасна категорија. Два пати по ред беше прогласен за МВП на сезоната во домашните првенства, а се истакна во EYBL (Европска младинска кошаркарска лига) во која на првиот турнир во септември годинава беше најдобар стрелец (27,75 поени по натпревар), трет скокач (12,5 скока по натпревар) и со трет индекс (29,75 по натпревар).