ПОЧЕТНА СП 2019 Упорноста не се исплатеше…

Упорноста не се исплатеше…

сподели
FIBA

Репрезентацијата на Грција е последниот патник во осминафинаната група од Светското првенство во Кина.

Во одлучувачкиот натпревар Адетокумбо и компанија не дозволија изненадување и го совладаа Нов Зеланд со 103:97. И покрај поразот селекцијата од Океанија заслужува честитки бидејќи максимално му го загорчи животот на фаворитот во групата.

Точно е дека Грција постојано беше во водство, но секогаш кога ќе направеше повисока разлика, Нов Зеланд со поени во серија се доближуваше. Отпорот му беше скршен дури во последните 3-4 минути кога Грците дојдоа до двоцифрена предност.

Овој натпревар лесно можеше да биде историски бидејќи на Јанис Адетокумбо му недостасуваа четири асистенции за првиот трипл-дабл на Светските првенства. Најкорисниот играч во НБА лигата заврши со 24 поени, 10 скока и 6 додавања за кош, но со изненадувачки малку шутеви од игра – само 10. Повеќе пати (15) беше на линијата за слободни фрлања.

Имаше добра конкуренција на спротивната страна – Кори Вебстер кој постигна 31 поени, но само десет во второто полувреме во кое Грците дојдоа до победата.

Грците, заедно со Бразил, одат во групата К каде ќе играат со репрезентациите на САД и Чешка.