ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Тропнаа баскетите во „Младост“, тргна Гостивар…

Тропнаа баскетите во „Младост“, тргна Гостивар…

сподели
фото: gostivarpress.mk

Со неколку измени, полуфиналистот во Купот и плеј-офот ги почна подготовките за новата сезона.

Без Фурстингер, Сегариќ, Ефианаи и Трајковски, а со Доналдсон, Брејди и Тасков, како и неколку играчи од младинската школа, плус стандардните од претходната натпреварувачка кампања и тренерот Марјан Србиновски, Гостивар ќе се обиде да стигне чекор понапред, односно барем во едно финале, а можеби и да освои еден од пехарите.

„КК Гостивар е најголем репрезент на градот, се надеваме дека ќе има кошарка до средината или крајот на јуни, во зависност од распоредот за сезоната. Наша цел е да продолжи убавата кошаркарска приказна во градот, да ја задоволиме нашата верна публика и да прикажеме добра игра“, велат од клубот.

Ова ќе биде трета сезона од враќањето на Гостивар во македонската кошаркарска елита. Најкошаркарскиот град во земјава со нетрпение го очекува стартот на првенството, никој не се сомнева дека салата „Младост“ и натаму ќе биде исполнета до последното место на сите натпревари.