ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Последен предлог: Тројца странци во лигашкиот дел, без ограничувања во плеј-оф

Последен предлог: Тројца странци во лигашкиот дел, без ограничувања во плеј-оф

сподели
КФСМ

Здружението на професионални кошаркари на Македонија и претставниците на прволигашите одржаа уште еден состанок во врска со спорното правило за домашни и странски играчи кои ги разединува во овој период.

Клубовите дадоа предлог за кој велат дека е конечен и во кој прават низа отстапки. Да останат максимум четворица странски кошаркари во клубовите, но нивниот број на теренот да се менува во зависност од фазата на првенството.

Во лигашкиот дел да бидат најмногу тројца на терен, еден повеќе од она што беше досега, а во плеј-офот тренерите да немаат никакви пречки во тој поглед, односно да можат да играат и сите четворица странци во исто време.

Во овој сегмент постои простор за дебата за тоа дали правилото за неограничен број странски играчи на терен да почне да се применува на почетокот од Суперлигата или само во разигрувањето за титулата, кога ќе останат најдобрите четири екипи.

Предлогот е ставен на маса и на Здружението на професионални кошаркари му е оставен период од два дена да одлучи дали го прифаќа. Нови состаноци нема да има, туку Здружението треба да испрати допис до КФСМ со свој конечен став по ова прашање.