ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Трио фантастико го „реши“ МЗТ

Трио фантастико го „реши“ МЗТ

сподели

Многу покомпактно делува Гостивар на почетокот на оваа, во споредба со истиот период минатата сезона.

Тогаш му требаа неколку натпревари за да почне да победува, а сега уште од стартот го покажува својот квалитет. Одлично го помина тешкиот распоред во првите три кола, има биланс 2/3 иако лесно можеше да биде 3/3, но и 1/3.

Од трите странски засилувања Марјан Србиновски може да биде задоволен од две, но тоа во моментов не е многу важно. Многу побитно е тоа што Гостивар има барем осум кошаркари кои во секој момент можат да преземат одговорност.

На овој натпревар тоа го направија тројца. Според поените тоа се Џелетовиќ, Тасовски и Доналдсон, но според важноста на постигнатите кошеви, местото на Американецот слободно може да го пополни Ивица Димчевски. Всушност, Доналдсон многу лесно можеше да биде трагичар затоа што во последната минута промаши три слободни фрлања од кои две во последниот напад кога требаше да стави точка на победата.

Тасовски го начна шампионот во првото полувреме, Џелетовиќ блесна во второто, а Димчевски можеби го дотолчи со трите проектили кога беше најтешко за неговиот тим и ретко кој се одлучуваше да преземе одговорност во нападот.

Тројцата заедно постигнаа 47 поени (повеќе од половина) и 17 скока (точно половина), реализираа шест од десетте тројки, 12 од 21 погодок за два поена и шест од осумте погодени слободни фрлања. Притоа, заедно загубија само две топки (двете Џелетовиќ).