ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ТОДОРОВ: Минатата сезона требаше да ми биде последна во кариерата, но…

ТОДОРОВ: Минатата сезона требаше да ми биде последна во кариерата, но…

сподели

Селекторот на македонската репрезентација уште една сезона ќе остане во тимот на Крајова на чие чело е веќе две години.

Првата беше исклучително успешна, Александар Тодоров собори низа рекорди на клубот, а и ја крена кошаркарската атмосфера во градот каде главни спортови се фудбалот и женскиот ракомет. Втората не толку, но тоа и не е важно бидејќи беше прекината поради пандемијата со корона вирусот, а пласманот не беше земен предвид и не беше прогласен шампион.

фото: sportuldoljean.ro

Со оглед на тоа што во 2018 потпиша договор на две сезони, а во меѓувреме ја презеде селекторската функција во македонската репрезентација, се очекуваше, а и Тодоров најавуваше дека летово ќе биде крајот на неговиот престој во Романија. Тоа нема да се случи, а зошто се премисли, 47-годишниот стручњак открива за basketball.mk.

„Не станува збор за премислување, туку повеќе една идеја што ја имав, сезоната што заврши да биде последна во мојата тренерска кариера и да се вратам во Скопје каде би се занимавал со некоја друга функција во кошарката. Но, со оглед на случувањата последните месеци, односно незавршената работа поради пандемијата, решив тоа да го одложам за една година“, вели Тодоров.

Во двете години поминати во романскиот прволигаш, тој ја смени историјата, го однесе клубот во полуфинале, а ја оствари и првата победа во плеј-оф натпревар во постоењето на Крајова. Сето тоа го направи иако немаше резултатски императив поставен од раководството на клубот.

„Тимот, како и минатите сезони, не располага со огромен буџет, како најдобрите 3-4 екипи во Романија, но условите за работа се на едно многу високо ниво, а притисокот е минимален што ми дава простор за еден нормален тренажен процес.

Александар Тодоров (фото: Спортмедиа)

Затоа, како и минатите две сезони, ќе се обидеме преку селекција на квалитетен, но не многу скап состав и добра работа, да се носиме со клубовите кои имаат милионски буџети како Клуж и Орадеа“, додава селекторот.

Тодоров е еден од ретките македонски стручњаци кои голем дел од тренерската кариера го поминал надвор од татковината. Долго време работеше во Бугарија, по една сезона беше на Косово и Турција, а заедно со престојот во Динамо Букурешт, веќе четврта година ќе биде во Романија. Затоа и не е изненадување интересот од други клубови.

„Крајова не беше единствената опција, имав понуди од клубови од Букурешт, дури поминав неколку дена таму на состаноци со нивните раководни лица.

Сепак, континуитетот е многу важен во работата на еден тренер, згора на тоа и близината со Скопје, па затоа одлучив да останам во Крајова“, заврши Тодоров.