ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ТЕМЕЛКОВСКИ: Гарантирам борба до последниот атом

ТЕМЕЛКОВСКИ: Гарантирам борба до последниот атом

сподели
ФОТО: Александар Ристовски

Македонската младинска репрезентација го почнува својот настап на Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржи во Португалија.

Селекцијата предводена од Дарко Радуловиќ во првото коло ќе се сретне со Белгија, а во групата се уште домаќинот, Словачка и Луксембург. Потребно е второ место за пласман во четвртфиналето.

ФОТО: Александар Ристовски

За голем дел од кошаркарите кои ќе ги бранат боите на Македонија ова не е прво големо натпреварување на кое ќе учествуваат. Меѓу нив и Славчо Темелковски кој лани играше на јуниорското првенство во Скопје, а сега ќе игра со една година повозрасни кошаркари од себе.

„Оваа година подготовките ни беа на едно многу повисоко ниво, пред се поради стручноста на нашиот селектор Дарко Радуловиќ кој ми е мене тренер и во Вардар. Не бевме преоптоварени, се се одвиваше во најдобар ред и затоа максимално подготвени го дочекуваме Европското првенство.

Што се однесува до контролните натпревари, сега резултатите не беа во преден план, за разлика од, на пример, минатата година кога пред Европското првенство до 18 години победивме се пред шампионатот. Тоа придонесе малку да се кренеме во облаци и да не го дадеме посакуваниот учинок на првенството.

ФОТО: Александар Ристовски

Сега не се бараа победи, туку компатибилност, кој со кого одговара да игра во иста петорка за да биде најкорисен за репрезентација и слично.

На Европското првенство во Португалија, јас гарантирам за мене и моите соиграчи дека ќе се бориме до последниот атом, дека имаме огромна желба да ги браниме боите на Македонија и ако го дадеме максимумот, резултатот сигурно ќе дојде“, изјави Темелковски за basketball.mk.

Првиот натпревар македонската младинска репрезентација го игра од 17 часот, противник е Белгија.