ПОЧЕТНА АБА Тектонски промени во регионалната кошарка: Цедевита се сели во Љубљана!?

Тектонски промени во регионалната кошарка: Цедевита се сели во Љубљана!?

сподели
фото: ABA liga, Petrol Olimpija

По шестгодишна доминација во домашното првенство, еден од ретките успешни приватни проекти во регионот ја загуби титулата. Во финалната серија загуби од Цибона со 4-0 и тоа најверојатно ќе значи крај за овој клуб каков што го паметиме досега.

Цедевита е на пат да почне нова етапа во своето постоење, нешто налик на франшизите од НБА лигата.

фото: Pixsell

Регионалните медиуми, пред се хрватските и словенечките, објавија дека сопственикот Емил Тедески планира да се пресели во Љубљана, односно да ги фузира двата клуба во еден со име Олимпија Цедевита. Според нив, во игра била и опцијата за Сараево, но пореално е да се очекува преселба во Словенија.

Наводно, Тедески, кој е најголем приватен инвеститор во спортот во хрватската историја е незадоволен од статусот што го има во Загреб и фактот што Цедевита не ги привлече љубителите на кошарката во хрватската престолнина кои и останаа верни на Цибона. Клубот не доби ни своја сала, концесијата за просторот кој го користи истекува наскоро, а од Градот Загреб уште не одговориле на барањето за нејзино продолжување.

фото: Pixsell

Соработката со Олимпија е договорена, словенечкиот гигант е во тешка ситуација откако испадна од АБА лигата, а ја загуби и титулата во домашното првенство. За разлика од Хрватска, Цедевита во Словенија нема да биде сама бидејќи веќе е обезбеден буџет од 1,5 милион евра, ќе има на располагање голема модерна арена и тоа бесплатно, а Олимпија има и огромна база навивачи во главниот град и низ државата.

Сепак, уште не е јасно на кој начин ќе се изврши преселбата од административен аспект. Пред се кога станува збор за АБА лигата бидејќи Олимпија испадна во АБА 2 и не може да го пополни местото на Цедевита бидејќи тоа останува за хрватски клуб. Единствената шанса е проширување на лигата кое би можело да се случи ако Олимпијакос добие дозвола за влез во јадранското друштво.