ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА СВЕТЛА ТОЧКА: Македонија има нов талент, со презимето Стојановски

СВЕТЛА ТОЧКА: Македонија има нов талент, со презимето Стојановски

сподели

Игра во МЗТ Скопје Аеродром, кошарката ја учи на индивидуални тренинзи со асистентот во репрезентацијата и првиот човек на младинскиот погон во клубот, неговиот татко е поранешен кошаркар, ги има сите предуслови да се развие во врвен играч.

Дали тоа ќе се оствари, останува на него – да тренира, да се храни и да спие како што треба, да ги почитува своите тренери, да учи и работи вредно. Останатото, ќе си дојде само по себе. Многу деца на овој свет сонуваат, но среќата, секој ја предизвикува сам!

Ова се редовите за Борјан Стојановски, а фотографијата е на маестро Александар Ристовски.

Кошарка почнав да тренирам од прво одделение заедно со мојот брат близнак Бојан, во КК Плејмејкер. Прв тренер ми беше татко ми, Коста Стојановски, косопственик на клубот. Од тој клуб, чии што основачи и главни тренери беа мојот татко и Горан Крстевски Кичо, излегоа доста играчи кои што и денес играат во нашата Прва лига.

Борјан и Коста Стојановски

Во 2012 за прв пат се натпреварував во М12 лигата организирана од федерацијата и тогаш го освоивме првото место. Сфатив дека добро се снаоѓам во кошаркарската игра, бев еден од лидерите во екипата.

Во наредните години со КК Плејмејкер, мојата генерација играчи родени 2000 година секогаш бевме при врвот, два пати освоивме трето место и еднаш прво. До 2017 бев член на мојот матичен клуб, а потоа преминав во КК МЗТ Скопје кај тренерот Горан Крстевски Кичо.

Крстевски во улога на в.д. прв тренер на клупата на МЗТ Скопје Аеродром.

Сезонава што помина беше одлична. Настапував за вториот тим на МЗТ кој се натпреваруваше во втората лига. Бидејќи настапувавме со најмлада екипа играчи родени од 2000 до 2002, целта на почетокот ни беше да се пласираме меѓу 4-те екипи во групата за да обезбедиме пласман во плеј-офот.

На дел од натпреварите бевме засилени и од нашиот постар соиграч Ранко Мамузиќ. Како одминуваа натпреварите, иако најмлада екипа, видовме дека располагаме со квалитет и чекор по чекор стигнавме до финалето на Втора лига.

Во финалето игравме со КК ФМП Академија и покрај тоа што првиот натпревар го загубивме на домашен терен со 1 разлика, во реваншот на гости покажавме карактер и победивме со 10 разлика, со што автоматски обезбедивме пласман во првата лига.

Летниот период го користам за индивидуални тренизи со цел да ги унапредам и корегирам техничките елементи. Доста време поминувам и во теретана. Додека бев во КК Плејмејкер, индивидуално тренирав со мојот татко Коста Стојановски, а последниве две години со мојот тренер Горан Крстевски Кичо, со кого успеавме да влеземе во нашата премиерна лига.

За следната сезона се надевам дека обезбедениот пласман во Прва лига, ќе го искористиме, клубот ќе најде спонзори и ќе ни овозможи да се натпреваруваме во најелитното натпреварување. Сакаме да го покажеме на дело, нашиот квалитет. Со неколку засилувања, најверојатно акцент ќе биде ставен на центарската позиција, убеден сум дека ќе обезбедиме опстанок во елитата.

Кошарката во Македонија, последниве години некако стагнира. Мислам дека младите играчи треба да добиваат поголема шанса за докажување, тренерите да имаат поголема храброст да пуштаат во оган млади играчи, за да стекнуваме искуство и во иднина да бидеме носители на играта. Примерот со втората екипа на МЗТ Скопје, која што ќе игра прволигашка кошарка со младинци, е само доказ дека постои квалитет во младите играчи.

Условите за игра последниве години се подобрија, со изградбата на повеќето спортски сали и повеќе не се игра во училишни сали во младите категории, како порано. Нам младите ни останува пеколно да работиме и да ја оправдаме довербата, што тренерите ја имаат во нас.

Најголема желба ми е што е можно повеќе да напредувам во кошарката, со цел да заиграм за некои од европските клубови, па понатаму и во најсилната косшаркарска лига НБА, но се разбира чекор по чекор.

Единствен неостварен сон ми е да настапувам за младинската репрезентација на Македонија, во која неколку години сум на поширокиот список. Мислам дека имам доволно квалитет, за да бидам дел од неа.

Мојот незаборавен момент беше титулата што ја освоив во 2012-та година, но сега се разбира дека освојувањето на титулата во Втора лига и директиот пласман во Прва лига, ќе биде еден од моите незаборавни моменти во досегашната кариера.