ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Судиските величини се сретнаа во Франција, во најавата за лигата која има...

Судиските величини се сретнаа во Франција, во најавата за лигата која има и тоа колкав македонски шмек

сподели

На клиниката за судиите кои ќе бидат дел од престојната сезона во Лигата на шампионите во ФИБА, во градот Дивон, меѓу одбраните 72 судии од Европа беше и нашиот најдобар судија Игор Митровски, кој веќе втора сезона како единствен судија од Македонија ја претставува КФСМ во ова натпреварување.

Клиниката ја отвори Извршниот Директор на Лигата г-дин Патрик Комнинос, а воведно излагање имаше и поранешниот генерален секретар на МКФ, Дејан Лекиќ кој е Директор за натпреварување на Лигата.

Дејан Лекиќ (лево) – фото: sibenik.in

Темите беа во насока на кревање и подобрување на квалитетот на судење, осврнувајќи се на „неспортска грешка“, „грешки во момент на шут“, „индивидуална техника на судење“, „грешки во пробивање/блокирање” итн.

На Клиниката, како гостин предавач имаше прилика да биде и нашиот некогаш најдобар меѓународен ракометарен судија и делегат, а сега во функција на Директор на судиите во Европа, Драган Начевски. Истиот се претстави со темата “Потешкотии во судењето – од аспект на ракометен судија”.

фото: архива

Игор Митровски, кој има богата судиска кариера зад себе (ЕП 2015, СП 2016 (м), поранешен судија во Еврокупот и Евролигата на УЛЕБ, дел од судиите во финалето на АБА лигата во 2017 година…), изјави за basketball.mk дека има голема мотивација и очекувања од престојната сезона:

„Голема чест е да се биде меѓу најдобрите 72 судии во Европа, па дури и во светот, бидејќи 21 од овој состав беа дел од СП во Кина 2019, а некои од нив беа дел од завршницата и од истите може многу да се научи.

Клиника беше организирана на највисоко ниво, во една хомогена работна атмосфера, поддржана од Директорот на судиите во Европа и во Лигата на шампионите Даворин Накиќ, кој беше и наш гостин минатата година на семинарот за судии и делегати во Скопје.

Додадена вредност на семинарот даде нашиот најдобар ракометарен судија и делегат, сега во улога на Директор на судиите во Европа, Драган Начевски со кого имав прилика да разменам некои искуства од сферата на судењето во врвните натпреварувања, односно да научам од него.

Летото одамна помина, се подготвуваме за вистинското – Сезоната почнува! Навистина сум возбуден и мотивиран, правам и давам се од себе, вложувам многу напори да се претставам себеси и нашата Федерација во најдобро светло и на ниво кое Македонија го заслужува.

Ценам и се надевам дека од следната сезона, ќе имаме и претставник од клубовите во Македонија, во оваа најсилна кошаркарска лига во Европа, како и некој од младите судии, бидејќи го имаме квалитетот и искуството, кои можат да не водат до височините на европскиот кошаркарски крем”.