ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Струга се враќа во кошаркарската елита

Струга се враќа во кошаркарската елита

сподели
Тимот на Црн Дрим од минатата сезона

По пауза од 14 години, помалиот од двата града на брегот на Охридското езеро повторно ќе има клуб во Првата лига.

Црн Дрим го оствари зацртаното од пред сезоната, со голем број млади кошаркари во својот состав го освои првото место во западната дивизија од Втората лига и обезбеди пласман во елитата. Искористи и од тоа што сезоната не се доигра поради пандемијата, а КФСМ одлучи да го земе предвид пласманот од пред почетокот на паузата.

Струга има долга кошаркарска традиција, но Црн Дрим најчесто играше во вториот степен на натпреварување. Претстојната сезона покрај езерото ќе дојдат најдобрите екипи од Македонија, слично како во првата деценија од овој век кога тогашниот Фон Универзитет еднаш стигна и до полуфиналето од плеј-офот (сезона 2004/05) и таму беше елиминиран од Работнички.

„По долго време, Струга повторно ќе гледа прволигашка кошарка. Уште ги памтиме настапите на Фон Универзитет, сега и Црн Дрим ќе има можност да се натпреварува со најдобрите.

Ова е голем чекор за сите во клубот, а и градот Струга заслужува да гледа квалитетна кошарка. Костурот на екипата ќе биде од минатата сезона, а ќе биде надополнет со уште неколку играќи со кои веќе се завршени преговорите и чии имиња наскоро ќе ги објавиме. Се насочуваме на млади играчи кои ќе добијат максимална шанса да дојдат до вистинска минутажа“, изјави за basketball.mk, претседателот на Црн Дрим, Драган Келешоски.

Петар Чочороски, тренерот на Црн Дрим

Струшкиот тим минатата сезона имаше голем број позајмени играчи од Работнички, МЗТ Скопје и Вардар кои во своите екипи немаа голема минутажа. Тренер останува Петар Чочороски кој по АВ Охрид, успеа во елитата да го однесе и Црн Дрим каде помина и најголем дел од својата играчка кариера.

Клубот планира и две странски засилувања и тоа на позициите 1 и 5, но за нив допрва ќе се одлучува.