Во Кина се игра врвна кошарка, сакал некој да признае или не. Има и слаби селекции, но што ќе биде ако сите се дрим-тимови? Ќе треба да се туркаат на рака, за да решат кој ќе освои злато.
Сите дишеме ист воздух и имаме право да бидеме на големите шампионати, системот на ФИБА е одличен. Некогаш, некој можеше само да сонува да се бори за мундијал, а сега, преку квалификациите, сите репрезентации од сите страни на светот имаат подеднаква шанса.

Од европските селекции – Србија е од друга планета, Шпанија игра квалитетно како и секогаш, Литванија игра фантастична кошарка, Франција покажува дека има огромен потенцијал, Полска продолжува во висок ритам и во одлична форма, Грција потфрли во второто коло.
Ја апострофираме Чешка која покажа храброст против НБА колективот, играјќи зонски пресинг против кошаркарите што најмногу трчаат и што се најдоминантни, во физичка смисла на зборот. Дел од нив признаа дека им е тешко да играат ваква кошарка, за разлика од театарот во регуларниот дел на сезоната, преку Океанот.

Бразил и Аргентина се двете селекции што заедно со САД имаат најмногу светски првенства и се редовни на големата сцена, покажаа дека традицијата игра голема улога кај нив.
Американците покажаа слаби точки, но ќе почнат да играат кога ќе биде најпотребно, НБА ѕвездите се уште спијат во летниот сон. Австралија се уште не го покажала најдоброто од себе…