ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА СТАЈИЌ: Заморот на МЗТ – наш адут!

СТАЈИЌ: Заморот на МЗТ – наш адут!

сподели

Првото дерби во новата сезона се игра во Гевгелија каде гостува актуелниот шампион на Македонија.

МЗТ Скопје веќе одигра два натпревара, но во АБА 2 лигата, а на југот од земјава оди директно од Сараево каде гостуваше во претходното коло од регионалното натпреварување. Кожув во текот на летото претрпе сериозни играчки промени, дел од екипата сега се неколкумина репрезентативци и не е изненадување најавата дека гевгеличани ќе се обидат да му го загорчат животот на бранителот на титулата.

Бобан Стајиќ почнува нова етапа во кариерата. По една сезона и освоен Куп со Работнички (токму во Гевгелија), одлучи да продолжи во Кожув кој е негов шести клуб во земјава. Меѓу другите, играше и во МЗТ Скопје со кого освои две титули во првенството.

„Нашата екипа се комплетира нешто подоцна од останатите. Заедно сме околу 45 дена, одлично го одработивме подготвителниот период и со нетрпение го очекуѕваме стартот на сезоната. Ветуваме беспоштедна борба на секој меч, без разлика кој ни е противник.

Не така одамна Стајиќ го носеше дресот на МЗТ Скопје

МЗТ Скопје е најсилен тим во земјава и предизвик за сите со оглед на тоа што е актуелен шампион. Пред само три дена аеродромци имаа тежок натпревар и напорно патување во АБА 2 лигата. Нивниот замор може да биде наш адут на овој натпревар и се надевам дека ќе го искористиме тоа“, изјави Стајиќ за basketball.mk.

Во своето постоење Кожув има едно учество во финалето од плеј-офот на Македонија, во 2013 година кога загуби токму од МЗТ Скопје.