ПОЧЕТНА Европски првенства Шпанките доминираат во Европа

Шпанките доминираат во Европа

сподели

Континенталниот шампионат за сениорки што се одржа во Србија и Летонија заврши со триумф на репрезентацијата на Шпанија.

Во финалниот меч „фуријата“ ја совлада Франција со 86:66 и стана прва селекција што го одбранила шампионскиот трофеј по 1991 година. Тогаш заврши 31-годишната доминација на СССР, држава која не постои, но која и натаму е убедливо најуспешна на женските Европски првенства со 21 титула.

По првата четвртина од финалниот натпревар беше јасно каде ќе оди натпреварот. Шпанија водеше со 32:21 по десет минути игра, Франција намали на -5, но со фуриозна игра во финишот од полувремето европскиот шампион направи +14 (50:36).

Во последниот период беше и 82:59, Французинките не успеаја да се заканат и титулата повторно отиде на Пиринејскиот полуостров.

Најефикасна беше Марта Саргај со 23 поени, а Сандрин Груда ја предводеше Франција со 18. За најкорисна кошаркарка е прогласена Асту Ндур од шпанската репрезентација која триумфираше трет пат во последните четири години.

Место во идеалната петорка имаше уште за Саргај од Шпанија, Петровиќ од Србија, Фегбенли од Велика Британија и Груда од Франција.

Бронзениот медал го освои Србија која во натпреварот за третото место беше подобра од Велика Британија со 81:55.